X
 10.02.2020 Живот

Разликите помеѓу генерацијата Z и милениумците

Штотуку помисливме дека ја разбравме милениумската генерација, се појави генерацијата Z. А според многумина, разликите помеѓу овие две генерации се огромни.

Според ново истражување на „Ернст и Јанг“, генерацијата Z се разликува од милениумската кога станува збор за примање и пренесување информации. Генерацијата Z користи најмногу дигитални извори за добивање информации во споредба со која било друга генерација.

Милениумците се познати по споделувањето на својот живот преку социјалните мрежи, а тоа честопати вклучува идеализирање на реалноста и одбирање искуства за споделување според популарноста, вели Марси Мериман од „Ернст и Јанг“.






Фото: Pixabay

Од друга страна, генерацијата Z воспоставува нови норми во однос на социјалните мрежи и ги менува стандардите, кои сите други генерации ќе мора да ги применат. Сè почесто оваа генерација користи социјални мрежи за комуникација, односно за да остане во контакт со другите наместо за објавување интимни детали од животот.

Мериман додава и дека припадниците на оваа генерација се индивидуалисти, но се навикнати и да имаат инстантен пристап до она што им е потребно, а се мотивирани и од ефикасноста. Во работата со нив најбитна е транспарентноста, а работодавците треба да разберат дека за оваа генерација е важно да се наоѓа во околина која поттикнува соработка и инклузивност.

Во поглед на политиката, само 20% од припадниците на генерацијата Z што учествувале во истражувањето кажале дека се многу заинтересирани за политичките проблеми. Бројките се зголемуваат во поглед на околината, но, сепак, помладите корисници сè помалку ги споделуваат своите мислења онлајн.

Истражувањето покажало и дека 74% од младите на возраст од 18 до 22 години планираат да гласаат на претстојните избори во САД, а 81% од оние на возраст од 12 до 17 години планираат да гласаат штом ќе наполнат 18 години. 


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот