Огромна дупка која изгледа како сцена од научнофантастичен филм се наоѓа во најслабо населената област во Русија, 8.050 километри источно од Москва. Мир или Мирни е светско чудо создадено од човекот и очигледен доказ до каде, поточно колку длабока може да биде љубовта кон дијамантите.
Џиновската дупка е широка повеќе од еден километар (1.200 метри) и длабока 525 метри. Да не постоеше рудникот, немаше да има град на кој му го должи името - Мирни. Создаден е во педесеттите години на минатиот век, откако било откриено дека Јакутија е ветената земја на дијамантите.
Експедицијата на исток од Сибир, предводена од Јуриј Хабардин, се покажа како една од најпрофитабилните во историјата бидејќи со откривањето на трагите од кимберлит што укажуваат на почва богата со дијаманти, Советскиот Сојуз стана дом на највредната дупка во светот.
Мирни набрзо привлече жители водени од желбата за богатство, а до 60-тите години рудникот стана најголемиот во СССР.
Од Мирни секоја година се ваделе по два тона дијаманти, без разлика на температурите, кои паѓале 40 степени под нулата, и почвата што во поголемиот дел од годината била замрзната, а во потоплите денови се претворала во мочуриште.
Се проценува дека од рудникот биле извадени дијаманти во вредност од околу 110 милијарди евра. Најголемиот пронајден дијамант е со големина на топче за голф и вреди околу 2 милиона евра. По Втората светска војна заработката од дијаманти на Русија ѝ помогнала да застане на нозе.
Хеликоптери не се осмелуваат да летаат над дупката поради температурните разлики и предупредувањата дека може да ги вшмука, но такви случаи не се евидентирани. Поради необичните звуци што доаѓаат од длабочините на рудникот, се појавија многубројни теории на заговор.
Сопственик на Мирни е руската компанија „Алроса“, која произведува околу четвртина од светските дијаманти. По затворањето поради поплава, рудникот и понатаму работи, но делумно. Дијамантите се ископуваат во мрежа од подземни тунели.
Фото:
Wikipedia