„Биди вода“ е насловот на изложбата на студентот Александар Илиевски, која на 6 мај се отвори во просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид.
Освен серијалот „Биди вода“, на изложбата може да се погледнат и: „Каде улиците немаат име“, „Охрид во сино“ и „Животински царство“. Нишката што ги поврзува сите е оригиналниот креативен пристап и визуелните решенија, кои Илиевски ги нуди, како и референциите кон уметноста, музиката, филмот.
Александар Илиевски
- Серијалот, по кој и изложбата го носи името „Биди вода“, се занимава со односот кон природата, поставувајќи речиси свет однос кон водата. Онаа без која не би биле возможни ни животот ни еволуцијата. Сугестивниот наслов „Биди вода“ не дава друг избор освен гледачот да се препушти на водата и да пропатува таму по апокалипсата и да се погледне верзијата на Александар за неа. А, таа верзија и покрај сѐ е полна со надеж – велат од Универзитетот.
Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ со оваа изложба уште еднаш покажа дека има одличен капацитет за интердисциплинарни проекти, кои во овој случај ја врзуваат технологијата со уметноста. Почнувајќи тука, оваа изложба, проширена, има потенцијал, повторно да биде претставена на УИНТ, но и во други простори.
- Користејќи аугментативна реалност, Илиевски, со помош на стикери и соодветна апликација, понуди начин виртуелно да се види и почувствува светот на водата. Стикерите, како и сликите, беа наменети за продажба, а средствата, собрани од неа се наменети за помош на Мила Димоска и Мартин Стојаноски. Со тоа, освен етичка, оваа изложба има и хуманитарна природа.
Фото: Бојан Симјановски