X
 12.07.2018 Живот

Во овој град Русите можат да влезат само со дозвола



Илјадници фудбалски фанови ги открија убавините на руските градови Самара, Калининград, Нижњи Новгород – кои до пред триесетина години беа затворени за туристи, а сè што се случувало таму било контролирано од страна на државата. Сепак, еден од таквите градови сè уште е затворен за посетители, па дури и за Русите од другите градови.


Озерск, Градот 40
(Фото: Wikipedia)


Дополнително, околу шеесет града во Русија се затворени за надворешни посетители. Многу од нив се нашироко познати – Вилиучинск, база за изградба на нуклеарни подморници; Диксон, најсеверното пристаниште и еден од најизолираните градови на планетата; Железногорск, центар за производство на плутониум, попознат како „атомскиот град“; Фокино, домот на руската флота на Пацификот; Северноморск, домот на руската северна флота; Снежинск и Саров, центри за нуклеарни истражувања, итн. Овие градови некогаш имале и тајни имиња сè додека во 1992 година Борис Елцин не одлучил да се прекине таа практика и градовите да се нарекуваат по нивните историски имиња. На пример, Железногорск беше познат под името Краснојарск-26.

Меѓу овие градови се наоѓа и најинтересниот од нив – Озерск, центарот за процесирање на нуклеарен отпад, кој порано бил познат како Челајбинск-65 и Градот 40. Тоа е едно од најзагадените места во светот дури и по 60 години од нуклеарната катастрофа што се случила во 1957 година кога експлодирал течниот отпад, ослободувајќи повеќе радиоактивен материјал од Чернобил.

„Во длабочините на Урал се простира забранетиот град Озерск. Зад обезбедените порти се наоѓа преубава енигма – шуми, семејства што се капат во езерото, додека постарите одмараат на клупите. На патиштата можат да се забележат локални жени кои продаваат овошје и зеленчук“, вели Самира Готшел, авторка на документарниот филм „Градот 40“, и забележува: „Верувале или не, повеќето жители не сакаат да заминат од овој град. Тие веруваат дека се избрани да живеат овде иако ја знаат вистината – дека водата им е загадена, дека сè е отровно и дека децата можеби им се болни. Овде се раѓаат, се венчаваат и ги формираат своите семејства. Тука ги погребуваат своите родители, а некои од нив – и ќерките и синовите.“

Жителите можат слободно да излегуваат од градот, но други Руси, па дури и членови на семејства, мора да добијат посебни дозволи за влез во градот. Само оние што се родени овде имаат право и да живеат во градот. На граѓаните исто така им е забрането да споделуваат информации за градот, а во текот на Студената војна градот не бил евидентиран на мапите и жителите не биле запишани во списоците.

Сепак, државата им се оддолжува за чувањето на тајните, па така некои добиле нови станови, здравствено осигурување и луксузни продукти, како банани и кавијар, поради што сметаат дека живеењето на ова место е работа на престиж.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот