X
 10.08.2019 Технологија

Вештачки механички јазик може да разликува вистинско виски од лажно

Научници претставија вештачки јазик што препознава суптилни разлики помеѓу различните типови вискија и може да придонесе во борбата против трговијата со фалсификуван алкохол.

Експертите од Универзитетот во Глазгов развија минијатурен тестер кој користи карактеристики на злато и алуминиум за да ги тестира разликите во вкусовите. Покрај тоа, тој ги разликува истите видови вискија што стоеле во различни буриња.

Јазикот, исто така, препознава дали вискијата се стари 12, 15 или 19 години. Инженерите велат дека јазикот ги „вкусил“ разликите со точност поголема од 99 проценти.

Може да се користи за контрола на квалитетот

- Ние го нарековме вештачки јазик затоа што работи слично на човечкиот јазик. Како и луѓето, тој успева да идентификува одредени хемикалии кои го прават вкусот на кафето различен од оној на сокот од јаболко, но лесно може да направи разлика и помеѓу посложените хемиски комбинации. Ние не сме првите истражувачи што создале вештачки јазик, но први создадовме уникатен вештачки јазик кој користи два различни типа метални тестери и тие даваат повеќе информации за вкусот на секој примерок и овозможуваат побрз и поточен одговор - истакна Аласдаир Кларк, инженер на Универзитетот во Глазгов.

Вештачкиот јазик може да се користи за контрола на квалитетот и борба против нелегална трговија со алкохол, особено кога станува збор за многу скапи шишиња старо виски.

Како функционира?

Минатата година една компанија со лабораториски тестови утврди дека од 55 шишиња ретко шкотско виски купено на секундарниот пазар, 21 биле лажни.

Ако овие 21 шише беа оригинални, нивната вредност би достигнала околу 690 илјади евра.

Моделот со два метала, кои дејствуваат како тестери за вкус, се прелева со виски, а потоа експертите мерат на кој начин се апсорбира светлината додека се потопени.

Со очигледен потенцијал кога станува збор за идентификување фалсификуван алкохол, овој тестер може да се користи и од експерти за да се тестира безбедноста на храната, за контрола на квалитетот и безбедноста.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија