X
 10.08.2020 Култура

Виртуозна изведба на руската пијанистка Наталија Трул на „Охридско лето“ по повод 250 години од раѓањето на Бетовен

Во духот на празнувањето на културното наследство на Лудвиг ван Бетовен, а по повод 250 години од неговото раѓање, руската пијанистка Наталија Трул посвети дел од својот концерт на музиката на големиот гениј. Концертот, во рамките на „Охридско лето“, се одржа во црквата „Св. Софија“ на 8 август. Виртуозната изведба на Трул на Соната оп. 31 бр. 2 d-moll „Бура“ нè потсети дека музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето.

Наталија Трул е редовен професор на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и често е член на жири на меѓународни натпревари за пијано. Почнала да учи пијано во родниот Санкт Петербург, а дипломира на Московскиот конзерваториум. Нејзината интернационална кариера почнала со победата на Меѓународниот натпревар во Белград во 1983 година, но најголемиот успех дошол во 1986 кога го освоила сребрениот медал на натпреварот „Чајковски“. Во 1993 година добила Гран при на натпреварот во Монте Карло, на кој учествуваат само победници на меѓународни натпревари. Трул настапува со значајни оркестри од целиот свет под диригентските палки на светски познати и реномирани диригенти. Нејзиниот репертоар вклучува повеќе од 50 концерти за пијано и оркестар.

 

Концертот на руската пијанистка се одржа во црквата „Св.Софија“

По нејзиниот настап во „Св. Софија“, ја замоливме да ги сподели нејзините впечатоци од средбата со македонската публика.

- Мислам дека имав добар настап пред интересна публика на сцената кај црквата „Св. Софија“. Настапот започна со изведба на соната од Бетовен, а потоа ја отсвирив и Шопеновата „Фантазија“, кои се многу интимни парчиња музика што ѝ зборуваат директно на публиката, па затоа е тешко тие да се доживеат вистински кога се изведуваат во голема сала. Потоа, за вториот дел од настапот направив многу интересна комбинација од дела на Дебиси и Шопен, бидејќи Дебиси има посветено дел од своите дела токму на Шопен и има некоја комуникација помеѓу нив и делата, може да се најдат поврзаности помеѓу парови од нивните композиции. Затоа и свирев една композиција на Шопен, па потоа една на Дебиси и така натаму, во комбинација. Еднаш одамна француска пијанистка отсвири парови од композиции од различни композитори едно по едно, но јас имав поинаква замисла од тоа, во која, се надевам, уживаше целата публика - вели Трул.

Во година кога се одбележуваат 250 години од раѓањето на големиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен, неговата порака дека музиката е универзален јазик кој ги поврзува луѓето е уште поактуелна. Бетовен е еден од омилените композитори на руската пијанистка.

- Сакам да верувам дека јас, како и тој, го разбирам јазикот на музиката и дека можам да им го објаснам тоа на луѓето, бидејќи за жал, музика како таа на Бетовен е сѐ помалку присутна во светот - вели Трул.


Во чест на Бетовен, во организација на „Дојче Телеком“, негова магента-статуа патуваше низ Европа, од Бон, неговото родно место, преку Скопје, сѐ до Виена каде што ја компонирал „Деветтата симфонија“. Статуата на Бетовен симболично „прошета“ и низ Охрид, а неговата музика ја збогати програмата на „Охридско лето“, кое со години наназад се одржува со поддршка на Македонски телеком.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура