Наташа Поповиќ е врвен професионалец во сите сфери што ги работи. Шест години беше на кормилото на најеминентниот македонски фестивал „Охридско лето“, врвен пијанист кој свири од својата петта година, добитник на високи награди и признанија, меѓу кои и онаа што ѝ ја врачил поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш Постариот, кога била меѓу десеттемина најдобри студенти во Америка.
Одликувана е од претседателот на Италија, Серџо Матарела, со орден „Витез на редот Ѕвезда на Италија“, добила признание од Стејт департментот на САД, на манифестацијата „Жана на годината“ лани беше прогласена за жена со најголеми достигнувања во културата... Долга е листата со успеси што ги има постигнато Наташа Поповиќ, неодамнешна директорка на „Охридско лето“, во својот професионален и семеен живот.
Срцето поделено меѓу Битола и Охрид
Таа е родена во Битола, од татко битолчанец кој по стапувањето во брак со мајка ѝ работел како стоматолог во Охрид, а мајка ѝ е охриѓанка - професорка по флејта во Основното музичко училиште „Методи Патчев“.
- Живеев во Охрид, а често одев во Битола и моето срце е на половина. Спомени имам и од Битола и од Охрид, почнувајќи од градинката во Охрид, па основното образование, моите другарки, основното музичко училиште каде што го започнав моето музичко образование на инструментот клавир. Секој агол е уметност, тука е Охридското Езеро, плажите, дружбите. А Битола, пак, е град на конзулите и на клавирите. Тука се спомените на моите баба и дедо и мојата поширока фамилија, а и Широк сокак од каде што имам преубави спомени - вели Поповиќ.
Свири клавир од пет години, а средно и студии заврши во САД
Тргнала по стапките на мајка ѝ, која уште на 5-годишна возраст ја запишала во музичкото училиште во Охрид да изучува клавир. Во лето Наташа уште од најрана возраст живеела во светот на класичната музика зашто мајка ѝ ја носела на „Охридско лето“.
- Го засакав клавирот, ја засакав музиката и свирам од пет години. Уште во основното училиште имав освоено две први републички награди, но и втора и трета награда на сојузно ниво, тогаш бевме дел од СФРЈ - се присетува таа.
По завршувањето на втората година во средното училиште „Илија Николовски-Луј“, на отсекот по пијано, отишла со родителите во посета на брат ѝ во САД, кој бил на студентска размена и играл во првата кошаркарска лига.
- Таму имаше еден семинар за пијано на кој се пријавив бидејќи останавме цели два месеца. Професорката што го држеше семинарот, Бетина Емери, ми понуди да бидам нејзин студент. Бидејќи во САД нема стручни средни училишта, се запишав во класична гимназија, а потоа ги продолжив моите студии на „Валпарезо јуниверзити“ во близина на Чикаго, во државата Индијана, кај истата професорка - раскажува Поповиќ.
Среќна е што потекнува од Македонија, која има исклучителни таленти
Во САД често настапувала на пијано и со Симфонискиот оркестар на факултетот и со Филхармонијата на Чикаго. Ја добила наградата на државата Индијана, двапати освоила прво место на државните натпревари, а во 1991 наградата која им се доделува на 10 најистакнати студенти ѝ ја врачил претседателот на САД, Џорџ Буш Постариот.
- Секое лето доаѓав во Македонија. Македонија е мојата земја, тука сум родена, тука пораснав. Во САД успеав многу, и како студент и како работник, но мојата желба да се вратам во родната земја не исчезнуваше. Едноставно сакав да се вратам дома и не се каам за тоа. Америка е мој втор дом, но Македонија е мојот прв дом - вели таа и додава: „Македонија е почва на исклучителни таленти во музиката, сликарството, театарот... и среќна сум што потекнувам од ова поднебје затоа што, верувајте, сите ни завидуваа“.
По ангажманот во „Охридско лето“. се врати во училиштето каде што претходно предаваше
Пред да дојде на функцијата директор на НУ „Охридско лето“, цели 22 години работеше како професор по пијано во Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Таму се врати повторно да работи откако во август годинава си поднесе неотповиклива оставка од „Охридско лето“. Вели: „Уште еднаш да се родам, повторно би сакала да бидам професор.“
- Сите знаеме дека „Луј“ е голем центар. Таму припаѓам. Работата со децата премногу ме исполнува. Јас сум од оние професори што прво прават пријателски однос со учениците. Научив како тие се однесуваат надвор од училиштето затоа што навистина споделуваат многу интересни работи, а честопати знам и да им помогнам ако се заплеткаат во неволја. Тоа ме радува зашто им давам простор да ми се доверат и да можам да помогнам. Додека трае мојот работен век како професор, ќе учам од нив бидејќи педагогијата е многу благородна работа - вели Поповиќ.
Секој успех на „Охридско лето“ беше заеднички со тимот
Шест години успешно го водеше престижниот фестивал „Охридско лето“, кој 64 години ги носи во Македонија најпознатите уметници од цел свет. Ја прашавме колку беше тешко да се биде жена менаџер?
- За менаџерска работа не би ставила род зашто е иста тежината и за мажите и за жените, но на жената обврските ѝ се и дома, со семејството. Успешно се справував бидејќи за секоја менаџерска работа правев добар план и добар баланс. Да се биде на раководна позиција, честа беше голема, но одговорноста двојно поголема. Имав среќа што имав навистина добар тим и заеднички ги решававме сите работи, па затоа сите награди ги споделував со нив - вели Поповиќ.
На „Охридско лето“ досега гостувале многу светски познати уметници. На прашањето кој било најтешко да се донесе во Македонија, а кој се однесувал најнепосредно, Поповиќ вели дека уметниците не ги делела на лесни и тешки, туку на оние со поголеми и помали ангажмани и концертна дејност.
- Би го споменала Џон Малкович, холивудски режисер и еден од најпознатите актери кој навистина беше многу приземен, реализиран човек. Се погоди тој датум што нам ни одговараше да биде слободен и да дојде. Сите уметници во принцип сме духовити, но на различен начин. За пример ќе го земам годинашното, 64. издание кое го отвори светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин. Навистина многу духовит човек, едноставен, со големо срце, отворен за секаков вид разговор, не само со нас во „Охридско лето“, туку и со оркестарот на Македонската филхармонија. Едноставно, реализиран човек во сите сфери кој сподели искуства и случки од неговите концерти на кои диригирал или свирел - вели Поповиќ.
Фото: приватна архива