X
 10.08.2024 Наука

Постои изненадувачки лесен начин да се отстрани микропластиката од водата за пиење

Ситни фрагменти од микропластика се пробиваат длабоко во нашите тела во загрижувачки количини, значително преку нашата храна и пијалаци.

Научници неодамна пронашле едноставно и ефикасно средство за нивно отстранување од водата. Тим од Медицинскиот универзитет во Гуангџоу и Универзитетот „Џинан“ во Кина, извршиле тестови и на мека вода (флаширана) и на тврда вода од чешма (која е побогата со минерали), додавајќи нанопластика и микропластика (NMPs) пред да ја зовријат течноста, а потоа ги филтрирале сите талози.

Во некои случаи, до 90 проценти од микропластиката биле отстранети со процесот на вриење и филтрирање, иако ефективноста варира во зависност од видот на водата. Се разбира, големата придобивка е што повеќето луѓе можат да го направат тоа користејќи го она што веќе го имаат во својата кујна.

-Оваа едноставна стратегија за врела вода може да ја „деконтаминира“ микропластиката од водата од чешма во домаќинството и има потенцијал за безопасно ублажување на внесот на микропластика од страна на луѓето преку потрошувачката на вода - пишуваат истражувачите во нивниот труд, објавен во февруари.

Поголема концентрација на микропластика била отстранета од примероците на тврда вода од чешма, која природно формира акумулација на варовник (или калциум карбонат) додека се загрева. Најчесто забележана во кујнските котлиња, варовитата супстанција се формира на површината на пластиката, бидејќи промените во температурата го принудуваат калциум карбонатот да излезе од растворот, ефикасно заробувајќи ги пластичните фрагменти во еден вид на кора.

Дури и во меката вода, каде што се раствора помалку калциум карбонат, приближно една четвртина од микропластиките биле исфрлени од водата. Сите парчиња пластика обложена со вар потоа може да се отстранат преку едноставен филтер, како на пример со мрежата од нерѓосувачки челик што се користи за цедење на чајот, велат истражувачите.

За претходни студии биле мерени фрагменти од полистирен, полиетилен, полипропилен и полиетилен терефталат во вода за пиење од чешма, која ја консумираме секојдневно во различни количини. За да ја стават стратегијата на краен тест, истражувачите додале уште повеќе нанопластични честички, кои биле ефективно намалени во број.

-Пиењето зовриена вода очигледно е остварлива долгорочна стратегија за намалување на глобалната изложеност на микропластика. Сепак, пиењето зовриена вода често се смета за локална традиција и преовладува само во неколку региони – велат истражувачите.

Истражувачкиот тим се надева дека пиењето зовриена вода може да стане пораспространета практика, бидејќи пластиката продолжува да го зазема светот. Иако сè уште не е сигурно колку точно оваа пластика е штетна за нашите тела, очигледно не е најздравото нешто. Пластиката веќе е поврзана со промените во цревниот микробиом и отпорноста на телото кон антибиотици.

Тимот зад оваа најнова студија сака да оствари повеќе истражувања за тоа како зовриената вода може да ги задржи вештачките материјали надвор од нашите тела - и можеби да се спротивстави на некои од алармантните ефекти на микропластиката што се појавуваат.

-Нашите резултати ја ратификуваа многу изводливата стратегија за намалување на изложеноста на човечката изложеност на микропластика и ја воспоставија основата за понатамошни испитувања со многу поголем број примероци - пишуваат авторите.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука