X
 10.09.2024 Технологија

Зошто „Епл“ ги произведува „ајфоните“ во Кина?

„Епл“ традиционално се потпира на Кина за производство на главната линија „ајфони“, но во последно време овој технолошки гигант се обидува да ја видоизмени базата на производство, со голем фокус на Индија и други земји.

Пред лансирањето на следната серија на „ајфон 16“, видеото во кое извршниот директор на компанијата, Тим Кук, објаснува зошто произведуваат во Кина стана вирално. Имено, Кук тврди дека популарното мислење дека компаниите одат во Кина поради ниските трошоци за работна рака е целосно погрешно. Тој истакнува дека Кина одамна веќе не е земја со евтина и неквалификувана работна сила.

- Причината е во вештините, во квантитетот на вештини на едно место и во видот на тие вештини. Вештините на користење напредни алатки се многу развиени во Кина. Во САД тешко дека ќе можеме да наполниме соба со инженери кои имаат вештини и стручност за управување со напредни алатки, додека во Кина можеме да наполниме повеќе фудбалски терени - вели тој, а со него се согласува и Илон Маск, кој исто така има мегафабрика на „Тесла“ во Кина.

Сепак, „Епл“ не се потпира само на кинеската работна сила и нејзината стручност, туку оди чекор понатаму и вештините и умеењата ги спојува со помалите трошоци. Затоа, според пишувањата на медиумите, „Епл“ годинава би можел да започне со производство на „ајфон 16 про“ и „ајфон 16 про макс“ серијата во Индија, што би можело да доведе до намалување на цената на овие уреди во земјата.

Локалната монтажа на премиум моделите би ги намалила цените на новите „16 про“ модели за до 10 проценти. Исто така, индиската влада неодамна ги намали царините на мобилните телефони, што може дополнително да ја поттикне „Епл“ да ги намали цените.

Тоа веројатно би било пилот-тест за глобално производство на „ајфони“ доколку Индија се покаже доволно квалификувана и квалитетна за производство по стандардите на „Епл“.

Извор: Benchmark
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Технологија