X
 18.12.2024 Наука

Започнаа клинички испитувања за лек што ги заменува паднатите заби

На луѓето на кои им недостигаат заби можеби ќе може да им пораснат нови, велат јапонските стоматолози кои тестираат пионерски лек за кој се надеваат дека ќе понуди алтернатива за протезите и имплантите.

За разлика од влекачите и рибите, кои редовно си ги обновуваат своите заби, општо прифатено е дека на луѓето и повеќето други цицачи им растат само две групи заби. Но, под нашите непца се скриени „заспаните пупки од третата генерација“, според Кацу Такахаши, шеф на орална хирургија во болницата „Китано“ во Осака.

Неговиот тим почнал клинички испитувања во Универзитетската болница во Кјото во октомври давајќи им на возрасни испитаници експериментален лек кој има потенцијал да го забрза растот на овие скриени заби.

- Тоа е сосема нова технологија - изјавил Такахаши.

Протетските третмани што се користат за паднатите заби поради расипување, болест или повреда често се сметаат за скапи и инвазивни. Така, обновувањето на природните заби дефинитивно има свои предности, според Такахаши, водечки истражувач на проектот.

Тестовите спроведени на глувци посочуваат дека блокирањето на протеинот „УСАГ-1“ може да го разбуди третиот сет на заби. Во една студија објавена минатата година тимото открива дека третман со антитела кај глувците е ефикасен за регенерација на забите и може да биде чекор напред во лекувањето на аномалиите на забите кај луѓето.

Засега, стоматолозите им даваат приоритет на пациентите на кои им недостигаат шест или повеќе трајни заби од раѓање. Се вели дека наследната состојба влијае врз околу 0,1 отсто од луѓето, кои може да имаат сериозни проблеми со џвакањето, а во Јапонија најчесто го поминуваат поголемиот дел од адолесценцијата носејќи маска за лице, за да ги сокријат широките празнини во устата, истакнал Такахаши.

Ова може да биде особено добредојдена вест во Јапонија, која има втора најстара популација во светот. Податоците на министерството за здравство покажуваат дека повеќе од 90 отсто од луѓето на возраст од 75 или повеќе години во Јапонија им недостига барем еден заб.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука