Разводите во Холивуд се чести, но обожавателите беа шокирани од веста дека Никол Кидман и Кит Урбан се разведуваат по 19 години брак. Оскаровката на 30 септември поднела барање за развод од кантри-пејачот, наведувајќи „брачен раздор“, но судските документи открија и интересни финансиски детали.
Според документите, нивниот месечен приход надминува 100.000 долари по лице. Парот живеел одвоено од почетокот на летото, а договорот за развод бил потпишан неколку недели пред официјалното поднесување. Во планот за родителство се наведува дека и Кидман и Урбан имаат месечен бруто-приход поголем од 100.000 долари и дека нема да си плаќаат алиментација.
Случајот на овој славен пар е само еден од многуте примери што ѝ дадоа на јавноста редок увид во платите и заработките на некои од најголемите имиња во Холивуд.
Џенифер Лоренс заработила помалку од Ди Каприо
Џенифер Лоренс за филмот „Не гледај нагоре“ добила 25 милиони долари, додека нејзиниот колега Леонардо ди Каприо заработил 30 милиони.
- Лео им носи повеќе приходи на киноблагајните од мене. Исклучително сум среќна и задоволна со својот договор. Но во други ситуации, многу е непријатно да се прашува за еднаква плата - изјави во едно интервју таа.
Глумицата стана гласен застапник за еднакви плати по 2014 година, кога се дозна дека за филмот „Американска измама“ добила значително помалку од нејзините колеги-мажи.
Понекогаш улогата е поважна од парите
Џона Хил за улогата во „Волкот од Вол Стрит“ добил само 60.000 долари, додека Ди Каприо - 10 милиони.
- Ми ја дадоа најмалата можна сума - изјави Хил, но објасни дека би направил сè само за да работи со режисерот Мартин Скорсезе.
Слично, Опра Винфри за улогата во „Бојата на пурпурот“ заработила 35.000 долари.
- Тоа се најдобрите 35.000 долари што некогаш сум ги заработила. Филмот ми го промени животот - изјави таа.
Џенифер Лопез, пак, стана првата латиноамериканска глумица која заработила милион долари за филмот „Селена“. Но, децении подоцна, некои улоги ги работи и бесплатно.
- Не добив многу пари за „Измамничките од Вол Стрит“. Го снимив бесплатно и го продуцирав. Се обложив на себеси - објаснила Лопез.
Некои добиле минималец за култни улоги
Кристијан Бејл за својата легендарна улога на Патрик Бејтман во „Американски психопат“ бил платен колку „апсолутниот законски минимум“. Слично поминал и Џон Хедер, кој за „Наполен динамит“ на почетокот добил само 1.000 долари, иако подоцна успеал да договори дел од профитот.
Џејми Ли Кертис за својот прв филм, култниот хорор „Ноќ на вештерките“, заработила вкупно 8.000 долари.
И покрај двете номинации за „Оскар“, актерот Џимон Хунсу изјавил дека сè уште се бори финансиски. И Тараџи П. Хенсон, номинирана за „Оскар“ за улогата во „Необичната приказна за Бенџамин Батон“, со години ја изразуваше својата фрустрација поради хонорарот од 150.000 долари, откако продуцентите го одбиле нејзиното барање за 500.000. Таа објасни дека по даноците и плаќањето на тимот ѝ останале околу 40.000 долари.
Кејт Бланшет во „Господарот на прстените“ работела за сендвичи
Ѕвездата на серијата „Вовед во анатомија“, Елен Помпео, со години заработувала помалку од колегата Патрик Демпси, иако таа била главниот лик. Кон крајот на 2017 година успеала да преговара за договор вреден 575.000 долари по епизода.
- Сега имам 48 години и конечно сум на точка каде што ми е во ред да го барам тоа што го заслужувам - изјави таа, нагласувајќи дека не ѝ пречел хонорарот на Демпси, туку тоа што студиото не ја ценело еднакво.
Иако трилогијата „Господарот на прстените“ заработи речиси 3 милијарди долари, главните ѕвезди не се збогатија. Кејт Бланшет изјави дека за улогата на Галадриел „никој не добил ништо“ и дека во основа добила само „бесплатни сендвичи“. Орландо Блум потврди дека за улогата на Леголас во сите три филма заработил вкупно 175.000 долари.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube