Во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде што може да се направи мамографија нема термин во наредните три месеци. Оваа информација може да се провери и во делот за термини на веб-страницата на „Мој Термин“. На прашањето од МИА зошто нема термини и дали се работи на регулирање на овие важни прашања, Министерството за здравство не даде конкретен одговор и фокусот го стави на Националната скрининг-програма за рано откривање рак на дојка. Во недостиг на термини, а со цел навремени проверки, жените се принудени решението да го бараат во приватните клиники.
- Со цел да се олесни закажувањето, жените добиваат СМС-порака со точно време, ден и здравствена установа за скрининг-мамографија и нема потреба да се јавуваат кај матичен лекар за упат. За жени на кои ќе треба да се направат дополнителни прегледи, на пример, ехо и биопсија, радиологот ќе ги повика телефонски и ќе креира упат за дополнителните прегледи - стои во одговорот што МИА го побара од Министерството за здравство.
Оттаму информираа дека со Националната скрининг-програма за рано откривање рак на дојка, која започна овој месец, од 1 до 4 ноември се направени скрининг-мамографии кај 156 жени.
Со оваа скрининг-програма треба да бидат опфатени жените од 45 до 69 години кои не направиле мамографија во последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка или друг дополнителен ризик-фактор.
МИА го контактира и Здружението на приватни лекари. На прашањето како матичните лекари се справуваат со термините и издавањето упат за мамографија, претседателката на здружението, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека Скопје е голем регион и тешко се наоѓаат термини, додека на пример во Велес по еден месец може да се најде термин.
- Жените во најголем процент, заради нивното здравје и брзата дијагноза, мора да одат на приватни специјалисти за да може тоа брзо да се придвижи и да се дојде до отстранување на тие туморозни формации што ги откриваме во нашите ординации - истакнува д-р Чолакова-Дервишова.
Од друга страна, таа појаснува дека кога матичниот лекар, користејќи ги сите методи во однос на ниво на примарен доктор ќе забележи дека нешто не е во ред, веднаш се издава итен упат со цел брза реакција.
Решение за регулирање на термините, според д-р Чолакова-Дервишова, е регулирањето на неограничениот број услуги што ги нуди здравствениот систем со ограничени средства. Додава дека честопати сигнализираат до Министерството и потребно е да се воведе основен пакет на услуги.
- Здравствениот систем ни е оптоварен, здравствен кадар има сѐ помалку во внатрешноста на Македонија. Крајно време е да се воведе основен пакет и да се знае за колку пари, кој колку може да направи. Таква практика има секаде во светот и се знае колку пати треба да се направи преглед за одредена работа - апелира докторката.
Вината за овие проблематики не е само на едно место. Честопати се случува пациентот кој веќе има термин да не го искористи, земајќи го местото на друго лице.
Свеста останува колективно на општеството, но и на ресорните институции да одредат точно и конкретно колку пати едно лице и во колкав временски период може да закаже термин за одреден здравствен проблем, користејќи ги разумно здравствените услуги.
Извор: МИА