X
 10.12.2023 Живот

Ваби-саби - необична навика поради која Јапонците трпеливо чекаат во редица

Ваби-саби е јапонската мудрост на прифаќање на непостојаната и несовршена природа на сè што нè опкружува и одмор од перфекционизмот, кој често е огромен извор на стрес во западната култура. Ако сакаме да „копираме“ од Јапонците, треба да ја бараме убавината во несовршеностите, да ја цениме едноставноста и да ја прифатиме минливоста на сè, а мудроста да ја преточиме во секојдневна навика.

Ваби-саби се однесува на архитектура, уредување на домот, достоинствено стареење, поинаков поглед на успехот и неуспехот и сите други сегменти од животот кои помагаат да се поедностави сè и да се фокусираме на она што е навистина важно.

Незавршените работи ѝ даваат задача на имагинацијата и поттикнуваат разиграност, па затоа не треба по секоја цена да се стремите кон совршенство.

10 практични примери на ваби-саби

1. „Утускуши“, јапонскиот збор за убава, првично доаѓа од терминот за „сакана“. Ова е причината зошто Јапонците сакаат да остават мебел што многу им значи во нивниот стан, дури и ако е оштетен. Скршената рачка на фиоката според ваби-саби не значи дека треба да ја фрлиме целата маса.

2. Јапонците нема едноставно да го заменат автомобилот кој поминал илјадници километри, туку редовно ќе го носат на поправка.

3. Според принципите на ваби-саби, подобро е да имате старински слики на ѕидовите отколку скапа дигитална рамка.

4. Според ваби-саби, поубаво е да се оди на ручек во гостилница отколку во модерен бездушен ресторан, како и внимателно да го слушате другиот отколку да држите монолози.

5. Наместо „билдање“ мускули и пластична хирургија, поисплатливо е да работите на себе и да не се потпирате толку на физичкиот изглед.

6. Оние што патуваат по принципите на ваби-саби не носат непотребни работи и куфери кои едвај можат да ги подигнат. Наместо магнети и разгледници, тие купуваат предмети кои имаат традиционална вредност или носат дома некаков сувенир како камче од плажа.

7. Собирањето диви цвеќиња наместо купување букети има поголема вредност за свесните Јапонци.

8. Времето поминато во правење селфи-фотографии исто така не е во согласност со јапонската филозофија. Уживањето во моментот, дегустацијата на храната наместо фотографирањето и апсорпцијата на новите ситуации со сите сетила е подобра алтернатива.

9. Наместо скап хотел, Јапонците избираат сместување кај домаќинот, по можност во област која не е во туристичкиот дел на градот.

10. Стоењето во редица, доцнењето на возот или промената на планот не е причина за нервоза, туку момент во кој можеме да застанеме и да го исклучиме мозокот од непотребни анализи.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот