„Студентите се задушуваат во сопственото ѓубре. Дворовите се како депонии“ е насловот на текстот преку кој прикажуваме какви се дворовите на студентските домови во Скопје
Приказна за луѓето кои со златни посмртни маски биле погребувани во охридските некрополи пред повеќе од 2.500 години, страста за планинарење на новинарката Александра Спировска, долгогодишните реформи кои ни го уназадија образовниот систем, искуството на Димитар Стевчев од Куманово, магистер по безбедност кој не може да најде работа во институција која ќе има полза од неговите квалификации, интервју со актерката Зорица Нушева, која ја толкуваше главната улога во филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, кој беше во официјална конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал. Ова се темите што Факултети.мк ги истражуваше во изминатата недела.
Фото: Археолошки музеј на Македонија / автор: Владо Кипријановски
Во рамките на рубриката „Најголемите културни богатства на Македонија“ ја објавивме приказната за
архајските Ромео и Јулија од Горна порта-Охрид, преку интервјуто со археологот Паско Кузман, кој раководеше со тимот кој ја откри последната златна маска во 2002 година. Сите златни маски што во изминатите 100 години беа пронајдени на површината на денешна Македонија кон крајот на месецов, првпат ќе бидат обединети на историската изложба која ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија. Во изложбата рамноправно учествуваат и Народниот музеј од Белград и Националниот археолошки музеј (НАИМ) при Бугарската академија на науките и уметностите од Софија.
Александра Спировска
„Си ветив дека пред да наполнам 40 години ќе ги искачам сите планини во Македонија. Ветено–сторено!“, вели Александра Спировска од Македонската радио-телевизија. Таа преку
инспиративни фотографии ја споделува љубовта кон планинарењето и природата со своите пријатели на социјалните мрежи. Вели дека со фотографиите на социјалните мрежи сака да ги поттикне сите што не знаат што пропуштаат, седејќи дома, убедени дека за такви подвизи им требаат пари или многу енергија и кондиција.
„Студентите се задушуваат во сопственото ѓубре. Дворовите се како депонии“ е насловот на
текстот преку кој прикажуваме какви се дворовите на студентските домови во Скопје. Отпадоци, градежен материјал, запуштено зеленило, никакво хортикултурно уредување... Студентските домови во Скопје не се руинирани само внатре. Дворовите изгледаат како да припаѓаат на напуштени згради, а не место каде што живеат млади луѓе. Фотографијата што се појави на социјалните мрежи на која се гледаат купишта ѓубре зад студентскиот дом „Пелагонија“, кое го фрлаат станарите од прозорците, ја згрози јавноста.
Мите Рисов, наставник по географија од Битола
„Напредните“ реформи ни го
уназадија образованието во Македонија, вели Мите Ристов, наставник по географија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, кој неодамна беше награден за добра наставна пракса на ниво на средни училишта од цела држава. Тој вели дека сѐ повеќе се чувствува дефицитот на наставен кадар по одредени предмети, појава која во иднина ќе се засили и ќе предизвика да се намали квалитетот во образованието. Затоа, Министерството за образование и наука по итна постапка мора да предложи законски решенија кои ќе ја спречат оваа појава и ќе придонесат за враќање на достоинството на наставникот.
Димитар Стевчев
„За Џејмс Бонд од Куманово државата нема слободно работно место“,
е приказната за Димитар Стевчев (29) од Куманово. Со завршен факултет и магистратура за безбедност, 130 сертификати, меѓу кои и од НАТО и Интерпол, вели дека не може да најде работа во институција која ќе има полза од неговите квалификации. Многупати се обидел, но попусто. Во Катар работел како супервизор на обезбедување за хотел од 5 ѕвезди. Хотелот и денес ги користи безбедносните процедури што тој ги креирал со свој колега.
Зорица Нушева
„Никој немал храброст да ми даде поголема улога. Мислам дека можеби и поради изгледот, дека не сум слаба и згодна. И откако го изгледав филмот, сфатив дека токму тоа што сум јас дебелка му дава една убава длабочина на ликот. Таа е лик што се бори со стереотипите на општеството, а изгледот на жените денес и тоа како подлежи на тие стереотипи. И ако тоа допре до девојчиња кои гладуваат за да изгледаат како да се од насловна страница на списанија и им даде мотивација да обрнат внимание на тоа што е здраво за нивното тело и за нивниот ум, тогаш сме завршиле голема работа“, вели во интервјуто за Факултети.мк актерката Зорица Нушева.