Штрајкот ќе продолжи и утре зашто дури и да се постигне согласност ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин или одбивање на предлогот, изјави претседателот на СОНК.
Се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот, изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на прес-конференција.
Тој нагласи дека, според нивна проценка, околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките денеска се вклучиле во штрајкот, а минорен е бројот, како што рече тој, на тие не повеќе од илјада што не учествуваат. Мал бил бројот на ученици во основните и средните училишта и релативно мал број на деца во градинките.
– Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус, истакна Неделков.
Според претседателот на СОНК, во градинките имало, како што рече, посериозни притисоци во однос на настојување на директори воспитувачите да го прекинат штрајкот и да влезат во детските групи.
Во градинките „Орце Николов“ во Карпош и „Кочо Рацин“ во Центар, во Валандово, во Гевгелија биле поделени околу штрајкот па половина не штрајкувале, како и во некои други општини, рече Неделков. Таму наставниците морале да бидат на работните места иако се во штрајк. За една градинка во Битола рече дека има основа да поднесат кривична пријава, зашто се барало списоци, што е спротивно на правилата на штрајкување и на законите. Неделков подсети дека процесот на штрајк никој не смее да го прекине и дека за спречување на штрајкот се предвидени кривични пријави.
Тој денеска имал краток разговор со министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој му најавил дека можеби ќе се сретнат утре. Штрајкот ќе продолжи и утре зашто дури и да се постигне согласност ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин или одбивање на предлогот, изјави претседателот на СОНК.