X
 28.05.2021 Образование

Неделков: Не уценуваме со недавање свидетелства, наставниците што работеле прекувремено треба да добијат по 45.000 денари

Министерката Царовска тврди дека се пуштени средствата, па нејасно е зошто не се исплаќаат, вели првиот човек на СОНК

По околу 45.000 денари треба да добијат околу 600 наставници што изминатава учебна година работеле прекувремено, вели првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК, Јаким Неделков. Неговиот став за тоа дека ако не се исплатат платите, учениците нема да добијат свидетелства, предизвика реакции во фелата. Некои обвинија дека на тој начин се манипулираат и уценуваат учениците, а други го поддржаа најавениот штрајк во случај да не им се излезе во пресрет на барањата на синдикалците.

- Многу наставници ги поделија класовите и им се зголеми обемот на работа, а тоа треба да се плати. Оваа исплата беше договорена со надлежните во Министерството за образование и наука, им пуштивме и пресметка колку би чинело тоа што го работат наставниците како дополнителен труд. Но, директорите на училиштата и општините почнаа да негодуваат. Министерката Царовска тврди дека се пуштени средствата, па нејасно е зошто не се исплаќаат – вели Неделков.

Тој не мисли дека се уценети учениците со најавата дека нема да добијат свидетелства за завршената учебна година.

- Децата порано или подоцна ќе ги добијат тие документи, не се уценети. Наставниците нема да работат, па нема да можат да ги напишат и да ги дадат свидетелствата. Очекувам дека ќе бидат мудри во Министерството како и во локалните самоуправи, нека си го решат проблемот што побрзо. Ние бараме да има во платата пресметано ретроактивно пари за осум месеци, за периодот од октомври досега, како додаток за прекувремена работа. Според пресметките, секој наставник треба да добие по околу 45.000 денари - вели Неделков.

Како што појасни, ова треба да важи за сите што работеле прекувремено. Овде се вбројуваат наставниците по англиски јазик кои мораа да работат и во одделенска и во предметна настава, потоа наставниците по физичко образование, како и некои одделенски наставници.

- Се работи за над 600 наставници на ниво на држава. Деновиве се прават пресметките за плата, па ако со оваа плата не се плати и прекувременото, ќе има штрајк, односно прекин на наставата до 10 јуни. А понатаму ќе продолжи и со неработење на наставниците, административните обврски нема да ги исполнуваат до изнаоѓање решение на проблемот - вели Неделков.

Фото: СОНК
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование