На крајот од Втората светска војна Германија беше урнатина. Најголемиот дел од инфраструктурата беше уништен при бомбардирањето.
Одредени градови многу настрадале. Дрезден бил срамнет со земја. Населението на Келн спаднало од 750.000 на 32.000 жители. Станбениот фонд бил намален за 20 отсто. Во споредба со предвоениот период, производството на храна било преполовено, додека индустријата се намалила за една третина.
Во текот на војната Хитлер вовел ограничувања на потрошувачката на храна за цивилното население што продолжиле и по војната. Контролата на цените довела до голема сиромаштија и развој на црниот пазар. Германската валута била комплетно обезвреднета, па луѓето се пренасочиле на стоковна размена.
Земјата била поделена на четири окупациски зони – американска, британска, француска и советска. Потоа била поделена на два дела. Американската, британската и француската зона станале Западна Германија, која се трансформирала во демократија, а источниот дел станал социјалистичка држава под влијание на СССР.
Во следните децении Западна Германија доживеала голема преобразба. Во периодот од почетокот на 50-тите до 70-тите години на минатион век економијата имала просечна стапка на раст од околу 7 отсто годишно, приближно како Кина денес, и станала едно од најсилните стопанства.
Иако во пошироката јавност овој успех му се припишува на Маршаловиот план, односно на американската финансиска помош за обнова на Европа, се чини дека тоа не бил пресуден фактор за успех на Германија, со оглед на тоа што американската помош изнесувала само 5 отсто од националниот БДП на земјата. Исто така, помош добиле и другите европски земји, но и покрај тоа не можеле да ја следат Германија.
Германија се нашла среде пресвртница. По долгиот период на контрола на цените и државно контролираната економија,
Германија морала да одлучи во која насока сака да оди – и нејзините власти се одлучиле за социјално пазарно стопанство (Soziale Marktwirtschaft).
Прво, во 1948 година била воведена нова валута што ја заменила онаа од нацистичкиот период. Потоа следувало укинувањето на контролата на цените што траеле од добата на Хитлер. Укинувањето наишло на критики од сите страни, вклучувајќи ја и сојузната управа, бидејќи сметале дека со оглед на сиромаштијата, тој потег ќе ја влоши ситуацијата, и дека цените ќе се вивнат до небо – но се случило спротивното. Набрзо полиците во продавниците повторно биле полни, валутата имала вредност, луѓето добиле мотивација за работа и ситуацијата драстично се поправила.