X
 11.06.2018 Технологија

Водородот ги соборува јаглеродот и батериите во трката за извор на енергија на иднината



Оркниските Острови се состојат од седумдесетина острови и се една од 32. покраини на Шкотска. Не изгледаат како место каде што би се „случувала иднината“. Но, наспроти тоа, островите станале еден од британските центри за иновации и обновливи извори на енергија – вклучувајќи и користење водород како чиста алтернатива на фосилните горива.


Резервоар за водород
(Фото: JOSEPH BRENT/FLICKR/CC BY-SA 2.0)


Фокусот на водородот произлегува од потребата, на некој начин, да се складира енергијата од ресурсите на островот – ветровите и брановите, кои најчесто генерираат повеќе електрична енергија отколку што може да поднесе мрежата. Многу инвеститори од ЕУ и од самиот остров финансирале уреди за електролиза за вишокот да се претвора во водород.

Процесот функционира така што водата се разделува на компонентите – водород и кислород – преку електрична струја. Резултатот е складиран водород во облик на компримиран гас кој подоцна може да се користи за напојување на ќелиите што го прават обратниот процес на електролиза и произведуваат струја.

Тоа е замената за фосилните горива за бродовите што се закотвени во Кирквол, главниот град на Оркни, што ги намалува локалното загадување и емисиите на јаглерод.

„Кога веќе не го користиме вишокот енергија што го создаваат ветровите и брановите, тогаш барем да направиме нешто паметно. Се обидуваме да ја извлечеме енергијата надвор од морето и да ја користиме за транспорт и греење“, вели Нил Кермод, директор на центарот „European Marine Energy“, базиран на Оркни.

Проектот е микропример за начинот на кој може да се користи водородот во енергетската револуција.

Водородот некогаш заостанувал зад батериите во трката да стане водечки формат за складирање енергија. Сè поголемите батерии се поврзуваат со мрежите за да се ублажи непостојаноста на обновливата енергија. Растечката флота електрични возила исто така би можела да помогне во балансирање на понудата и побарувачката, ако полнењето се врши кога има многу енергија.

Но, водородот има неколку предности. Додека батериите се тешки и бараат резерви на ретките литиум и кобалт, водородот е лесен и го има во изобилство во природата. Во текот на користењето нема никакви нуспродукти, освен вода.

Запаливоста на водородот стана озлогласена по несреќата во Хинденбург во 1937 година, но стручните лица велат дека истиот ризик постои и со фосилните горива. НАСА го користи водородот како ракетно гориво од 1950 година.

Тогаш, ако сето ова се земе предвид, зошто нема повеќе места како Оркни?! Илон Маск ја отфрлил технологијата како „глупост“ бидејќи раздвојувањето на водородот од водата преку електролиза троши повеќе енергија отколку што потоа водородот може да произведе.

Маск, барем засега, ја добива борбата со аргументите, посебно кога станува збор за возилата и транспортот. Производителите на автомобили вложуваат во двете технологии, но додека од оние на батерии се продадени околу 3 милиони, само неколку илјади автомобили на водород денес се среќаваат на патиштата, и тоа најмногу во Калифорнија и во Јапонија.

Поголемиот дел се производство на „Тојота“, која е уверена дека наскоро ќе се зголеми пазарот за таквите автомобили бидејќи лесно се напојуваат. Скептиците споменуваат недостиг од инфраструктура, потоа цена за складирање и транспорт на гасот.

Сè повеќе се тестираат возови на водород што ги произведува француската компанија „Alstom“. Водородот исто така има голем потенцијал да се користи како извор за загревање на домаќинствата и во индустријата. Постои план метанот да се замени со водород во локалните мрежи во Лидс, на северот на Англија, со цел емисијата на јаглерод да се намали за три четвртини.

Изведувачите кажуваат дека ќе бидат потребни само минорни модификации. Системот би требало да биде лансиран кон крајот на 2020 година, а ако се покаже како успешен, ќе почне да се шири низ државите. Водородот би можел да се користи за петтина од глобалната потрошувачка до 2050 година, и за исто толку да се намали користењето на јаглерод, што би требало да помогне да се достигне квотата договорена во Парискиот договор.

Тоа ќе значи потреба од инвестиции во висина од околу 280 милиони долари до 2030 година. Заговорниците на оваа идеја сметаат на технолошки напредок кој  би ја направил електролизата многу поефикасна, посебно затоа што обновливите извори на енергија создаваат сè поголем „вишок“.

„Ако има многу евтина енергија, незамисливо е да не смислиме паметни идеи за да ја складираме“, вели Алберт Чеунг, главен аналитичар при „Bloomberg New Energy Finance“, организација што се фокусира на зелена технологија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија