X
 09.09.2019 Образование

Факултетот за биотехнички науки - Битола ја јакне соработката со компаниите

Процените се дека во блиска иднина производството на здрава храна ќе стане глобален проблем во развојот на цивилизацијата, а стравот на потрошувачите низ светот расте. За Факултетот за биотехнички науки од Битола е предизвик да едуцира компетентни кадри и практичари од областа на прехранбената индустрија. Стручната примена на современи агротехнички мерки во примарното производство, оптимизацијата на процесите во прехранбената индустрија, како императив за производство на висoкоквалитетна храна може да се обезбеди само преку активно учество на високообразовни кадри, оценуваат од Факултетот за биотехнички науки од Битола.

uklo

Оваа високообразовна институција, единица на УКЛО, во насока на осовременување на едукацискиот процес и обезбедување успешност на своите студенти, во континуитет развива соработка со компании од опкружувањето. Имено, на 04.09.2019 г. Факултетот за биотехнички науки од Битола и компанијата „Фармахем“, која работи со лабораториска опрема и еколошки консалтинг, потпишаа договор за трајно користење инструмент за анализа на соматски клетки тип SSC LactoScan. Станува збор за уред различен од сите постојни апарати што ги има во државата, наменет за утврдување на бројот на соматски клетки во млекото со брзи резултати и висока точност. Инструментот ќе се користи за практична настава на студентите, со цел подобрување на квалитетот на студиските програми и ќе овозможи стекнување конкретни, опитни искуства во делот на следење на квалитетот и хигиенската исправност на млекото.

3

Инструментот работи на принципот на флуоресцентна микроскопија со автоматско фокусирање и софтвер за броење клетки. Добиените резултати се со висока точност и истиот е наменет за брза детекција на клинички и супклинички маститис во вимето. Овој начин на испитување на соматските клетки дава брзи и резултати со висока точност и е сосема различен од сите постојни апарати, кои ги има во државата, за утврдување на бројот на соматски клетки во млекото. Инструментот ќе биде наменет за практична настава на студентите со цел подобрување на квалитетот на студиските програми и овозможување на студентите уште во текот на студирањето да се стекнат со практично искуство во делот на следење на квалитетот и хигиенската исправност на млекото, како и дополнително прецизно анализирање на примероци од млеко за преработувачките капацитети и фармерите со цел следење на квалитетот на примарната суровина, истакнува деканот на Факултетот за биотехнички науки – Битола, проф. д-р Љупче Кочоски.

4

Во рамките на активностите поврзани со потпишување на договорот за доделување трајно користење на инструмент за анализа на соматски клетки тип SSC LactoScan е разговарано и за можностите за продлабочување на соработката помеѓу Факултетот за биотехнички науки и „Фармахем“ во насока на поддршка и развој на нови методи со цел унапредување на квалитетот на високото образование во делот на контрола и следење на квалитетот на производите.

Факултетот за биотехнички науки како лидер во регионот кој нуди студиски програми од областа на биотехничките науки, а од друга страна „Фармахем“ како водечка компанија во нашата држава од областа на дистрибуција на лабораториска опрема и еколошки консалтинг можат да дадат значаен придонес во контролата и следењето на храната која се произведува во нашата земја, вели сопственичката на „Фармахем“, хем. инж. Винка Таневска.

Успешната соработка на Факултетот за биотехнички науки и „Фармахем“ се планира да се продлабочува во насока на поддршка и развој на нови методи со цел унапредување на квалитетот на високото образование во делот на контрола и следење на квалитетот на производите.

Од УКЛО велат дека приоритетот на неговите единици за развивање и продлабочување на соработката со опкружувањето е постојан. Она што го прави Факултетот за биотехнички науки денес, тоа се активности и за иднината, особено затоа што светот е соочен со најактуелните прашања, меѓу кои: како ќе се прехраниме, што да се произведува и како да се произведува, кои се трендовите, како ќе расте светската популација? Така, сите аспекти поврзани со храната, како што се нејзиниот квалитет и безбедност, технологиите во производството и преработката и вештините на сточарското производство, во услови на мегатренд за зголемување на производството на храна, се опфатени со студиите на оваа единица на УКЛО. За помалку од три децении светот се очекува да има 10 милијарди жители и овие податоци, кои се повеќе од илустративни упатуваат кон потреба од научни и стручни знаења, вештини стекнати со квалитетна практична настава, со современи уреди и инструменти зашто нивното значење и важност ќе бидат непроценливи и во глобални рамки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование