Коосновачот на „Епл“ изнел многубројни прогнози за тоа каква иднина нѐ очекува кога станува збор за развојот на технологијата. Многу од тие нешта се покажале како прилично точни, но некои не излегле како што предвидел Џобс.
Што погодил Стив Џобс?
Компјутерите ќе ги користиме по дома за забава
Џобс во 1985 година изјавил дека користењето компјутери во домовите ќе стане нормална и вообичаена појава. Во тоа време компјутерите главно се користеле во компании и училишта и само од страна на понекој поединец. Во 1984 година само 8 отсто од американските домаќинства имале компјутер. До 2015 година уделот се зголемил на 79 отсто. Тие станаа извор за забава, уреди на кои гледаме филмови и серии, играме игри и разговараме со роднините и пријателите.
Секаде ќе има интернет
Во 1996 година Џобс прогнозирал дека интернетот ќе биде глобално прифатен. Денес го користат 5,03 милијарди луѓе, што е околу 63,1 отсто од вкупното население.
Сите ќе бидеме поврзани со компјутерите
Џобс во 1985 година предвидел дека главен поттик на луѓето за набавка на компјутери ќе им биде тоа што ќе можат да се поврзат со комуникациска мрежа на национално ниво. Дури 4 години подоцна Тим Бернерс Ли ќе почне да работи на развојот на светската мрежа, а првата страница ќе се појави една година потоа.
Меморијата нема да им е проблем на купувачите
Далеку пред да почнеме да зачувуваме податоци во облаци, Џобс нагласувал дека на потрошувачите треба да им се овозможат повеќе начини како да се реши проблемот со меморијата. Тој во 1996 година рекол дека веќе ништо не зачувува на компјутерот бидејќи многу користи електронска пошта и веб. Освен тоа, претчувствувал дека лаптопите ќе станат поедноставни, повеќе како веб-терминали, дури и пред „Гугл“ да го заврши пребарувачот.
Новите технологии ќе ги користат и 10-годишници
Во времето кога новите гаџети и другите чуда на технологијата биле резервирани главно за возрасни лица со подлабок џеб, Џобс тврдел дека наскоро ќе ги користат и децата. Денес децата во Америка првиот мобилен телефон го добиваат во просек на 10-годишна возраст.
Сѐ е побрзо со глувче
Компјутерското глувче денес е стандарден дел од опремата за личен компјутер, но не било отсекогаш така. Пред Џобс да го претстави неговиот компјутер во 1983 година, мнозинството уреди од тој вид за внес на текст и управување главно користеле само тастатура. Откако Џобс го вовел глувчето, управувањето со компјутерите станало значително полесно, дури и за оние што претходно се немале сретнато со него.
Луѓето ќе добиваат повеќе информации отколку што можат да соџвакаат
Џобс предупредувал на тоа дека ќе бидеме преплавени со повеќе информации отколку што можеме да совладаме уште во 1996 година, кога многумина штотуку ги праќале првите е-пораки.
Неверојатно моќен компјутер во уред со величина на книга
Во 1983 година компјутерите биле во големи и тешки кутии во лабораториите и работилниците. Но, Џобс уште тогаш ги замислувал како уреди кои е значително полесно да се пренесат. Сакал да изработи неверојатно моќен компјутер со големина на книга, кој ќе можете да го носите со себе и ќе научите да го користите за пет минути. Тој го остварил својот сон.
Компјутерите ќе предвидуваат што сакаме
Во 80-тите години од минатиот век Џобс ги опишал компјутерите како агентите кои учат што нѐ интересира, собираат информации, во интеракција се со нас и ги предвидуваат нашите потреби и желби. Рекол дека тоа е како да имаме мал пријател во компјутерско куќиште. Денес таа улога во сѐ поголема мера ја преземаат личните помошници како Алекса и Сири.
Луѓето ќе купуваат онлајн
Џобс во 1995 година предвидел дека најголемото влијание на интернетот ќе биде врз трговијата. Тој прогнозирал дека интернетот ќе им овозможи на стартапите да ги намалат трошоците за дистрибуција и директно работење со купувачите. Тоа и се случи.
Тој предвидел и појава на нови работни модели во кои нема да има стока на резерва, туку сѐ што е можно ќе се прави на барање.
Што промашил Џобс?
Ќе има многу софтверски, но не и хардверски иновации
Оваа прогноза се покажала како промашена. Џобс ја изнел во 1983 година, кога главниот конкурент на „Епл“ била Ај-би-ем и кога се чинело дека иднината е во развојот на софтвер. Но, „Мајкрсофт“ наскоро го демантирал и воспоставил доминација на пазарот на софтвери поради што станал и мета на државни истраги поради монопол.
Мрежата нема да ги промени животите на милиони луѓе
Џобс го потценил општото влијание на технологијата за чие користење заговарал. Тој во 1996 година рекол дека мрежата можеби ќе им го промени животот на милиони луѓе, но дека не е убеден во тоа и дека веројатно ќе биде постепена промена.
- Сигурно нема да биде нешто како кога некој првпат видел телевизор или слушнал радиопренос. Нема да е толку длабоко - рекол тогаш Џобс.
Извор:
T-portal
Насловна фотографија: Wikipedia