X
 11.10.2022 Наша тема

Интервју со Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ: „Државата за сите мајка, за високото образование и УКИМ - маќеа!“

Во државата сѐ друго е поважно од науката! Процентот што се одвојува за наука и истражувања е најнизок во Европа. Од друга страна, постојано се потенцира паѓањето на УКИМ на светските ранг-листи. Одговорот е едноставен, не може да напредувате и да имате развој во високото образование доколку државата не вложува средства во науката! Држава која не вложува во високото образование и науката нема иднина, вели Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на УКИМ

Синдикатот на Скопскиот универзитет бара надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ, бидејќи имаат најниски плати во регионот, обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката. Со претседателот на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ангел Ристов, разговараме за тешката состојбата на вработените на УКИМ, нивните барања кон државата, уважувањето на професијата, ненаставниот кадар, планот Б....

- Државата им излезе во пресрет на сите што со притисок, блокади на улиците и штрајкови побараа покачување на платите, само ние, вработените на УКИМ, останавме заборавени - истакнува претседателот.

Синдикатот на Скопскиот универзитет бара надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ... Кои се Вашите заложби и барања за наставниот кадар да го добие заслужениот статус?


- Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ повеќе од две години изразува големо незадоволство и револт поради драматично влошената материјална состојба на вработените на Универзитетот и игнорантскиот однос на власта кон барањата за потпишување на Кoлективниот договор на ниво на работодавец. Ова право е загарантирано со Уставот и законот и неговото остварување е неопходно за унапредување на образовниот процес! Никогаш во својата историја вработените на УКИМ не биле во потешка состојба од денес. Ние долго време бевме трпеливи и покажавме разбирање за економската состојба во државата. Но, повеќе нема да молчиме!
Државата им излезе во пресрет на сите што со притисок, блокади на улиците и штрајкови побараа покачување на платите, само ние, вработените на УКИМ, останавме заборавени. Ние, научните работници, кои во интерес на студентите говориме со гласот на разумот и силата на аргументите за нашите легитимни и оправдани барања. За сите државата наоѓа решение, само за нас не. Народски кажано, за сите испадна мајка, а само за нас од високото образование и УКИМ - маќеа!
Во минатото, за споредба, платите на професорите беа на ниво на врховните судии, а денес тие имаат речиси трипати поголеми плати. Во минатото еден редовен професор имаше шест пати поголема плата од минималната, а сега само двапати. Толку вреди и се почитува науката во Македонија!
Незадоволството е исклучително големо поради тоа што платите на вработените на УКИМ се исклучително ниски во споредба со другите универзитети и се неколку пати помали од платите на универзитетите во регионот! Во Македонија просечната плата надмина 31.800.00 денари, а платата на доцент, кој е доктор на науки, е пониска од просечната и изнесува 30.590,00 денари! Никаде во Европа, никаде во светот платата на доцент не е пониска од просечната плата! Никаде не постои ваков негативен сооднос помеѓу платите на вработените на универзитетите и просечната плата.

Во поблиското опкружување платите на редовните професори се следни: Косово 1.500 евра, Србија 2.100, Хрватска 2.200, Словенија 2.500-3.000. Кој е аргументот на надлежните ако во Србија, каде што просечната плата е 550 евра, платата на редовен професор изнесува 2.100 евра, кај нас просечната плата е 500 евра, а платата на редовен професор изнесува 650 евра?! Просечната плата во Србија е 10 отсто повисока од просечната плата во Македонија, а платата на редовен професор во Србија е 300 отсто поголема од платата на редовен професор на УКИМ!?! Слично е и со другите држави од поблиското опкружување. Поради ова, ние, вработените на УКИМ, си го поставуваме единственото логично прашање: дали воопшто на државата ѝ е потребно високото образование?

Во дневните огласи се нуди плата за касиер од 32.000 денари. Ова е поголема плата од онаа што ја прима доцент на УКИМ, кој учел со години, завршил факултет, завршил магистерски студии, магистрирал, докторирал, имал обврска да објавува трудови во странски списанија, да објавува учебници, монографии, да спроведува предавања и испити, да учествува на меѓународни конференции – и на крајот да има помала плата од вработените на каса во маркетите! Дали некој е свесен за овој парадокс, за ова омаловажување на науката и високото образование? Не сакам да го потценам кој било труд што треба да се вреднува, а во ваква криза платите треба да се покачуваат, но не можеме да се сложиме дека платата на еден чувар во КПД „Идризово“ треба да е колку на вонреден професор, а платата на балетанот да биде повисока од платата на редовен професор! Тоа покажува дека ниту една друга професија во Македонија не е подеградирана од нашата! Платите на наставниците од средно образование се изедначија со платите на доцент и се повисоки од асистентските. Ова укажува колку се цени и вреднува високото образование од страна на државата.


Ангел Ристов

Состојбата на вработените на универзитетите не била полоша, на што се должи слабиот слух и дијалог за науката?

- Високото образование во нашата држава, за жал, е заборавено со децении! Како да напредува УКИМ ако вработените немаат егзистенцијална и достоинствена плата! Со овие плати професорите не можат да си дозволат да отидат на конференција ниту во Ниш. Учество на светски конференции кои се одржуваат во светските метрополи, како што се Париз, Лондон, Брисел, Виена, за нас се мисловна именка. Платите на ненаставниот кадар се мизерни и под секое достоинство. Тие едвај врзуваат крај со крај во месецот! Како да напредуваат науката и УКИМ кога недостигаат елементарни средства за истражување, кога немаме литература, кога не сме во можност да учествуваме на конференции, студиски и истражувачки престои, кога немаме пристап до електронските бази, кога никој не го финансира печатењето на учебници и монографии и др. Од година на година, сѐ помалку се одвојуваат средства од Буџетот за наука и истражување.
Во државата сѐ друго е поважно од науката! Процентот што се одвојува за наука и истражувања е најнизок во Европа. Од друга страна, постојано се потенцира паѓањето на УКИМ на светските ранг-листи. Одговорот е едноставен, не може да напредувате и да имате развој во високото образование доколку државата не вложува средства во науката! Држава која не вложува во високото образование и науката нема иднина!
Во минатото за најдобрите студенти беше престиж да се вработат на УКИМ и да се посветат на образованието и науката, а денес, поради ниските асистентски плати, најдобрите студенти заминуваат во странство. Платата на наставниот кадар, особено за подмладокот, е недоволна да се покријат трошоците за докторски студии, набавка на литература, учество на меѓународни конференции, објавување трудови... што е услов за напредување во научната кариера. Без квалитетни и мотивирани научни кадри, не можете да имате развој и прогрес во државата и квалитетно високо образование, кое ќе ги следи современите светски трендови.

Владата последно најави дека ќе направи дополнителни пресметки за барањата на Синдикатот... Како ја оценувате заинтересираноста на властите за уважување на професијата и исполнување на барањата?


- Беше потребно многу време, заложби и активности преземени од страна на Синдикатот за надлежните конечно сериозно да ги сфатат нашите барања. Сепак, станува збор за репрезентативен академски синдикат со најголем број интелектуалци, професори, доктори на науки кои креираат мислење во јавноста! Во историјата, во сите држави посебен бил односот кон оваа категорија граѓани, кои својот живот и дело го посветиле на науката и студентите, кои се иднината на државата. Само што тоа не случај со нашата држава!
При потпишувањето на гранскиот Колективен договор во високото образование пред повеќе од една година МОН не зеде предвид ниту една од големиот број забелешки на Синдикатот на УКИМ! Значителен број одредби од Колективниот договор не се во согласност со Законот за високото образование и со високообразовната и научноистражувачката дејност. Понатаму, во услови на галопирачка инфлација, кристално им е јасно на сите дека најавеното покачување на платите предвидено во гранскиот Колективен договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и ни оддалеку нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование. Ова најавено минимално покачување апсолутно нема да придонесе за запирање на падот на стандардот на вработените во високото образование, кој се случува подолг временски период. Поради тоа, Сојузот на синдикати на УКИМ смета дека е потребно далеку поголемо покачување на платите на вработените во високото образование. Со овој Колективен договор вработените на најстариот и најголемиот универзитет во државата остануваат и понатаму дискриминирани во однос на платите на вработените на другите државни универзитети. Коефициентите за плата на наставниот и ненаставниот кадар во другите дејности од јавен интерес се повисоки од коефициентите за плата предвидени во овој Колективен договор. Коефициентите за плата на ненаставниот кадар се далеку пониски од коефициентите во државната администрација. Сите сме сведоци дека досега склучените колективни договори во Македонија се со многу поповолни услови отколку овој грански Колективен договор за високото образование.



Поради наведените аргументи и игнорантскиот однос кон нашиот Синдикат и УКИМ, бевме принудени да ги унапредиме нашите права од работен однос со барањата за потпишување Колективен договор на ниво на работодавец со нашиот основач - Собранието на Република Северна Македонија. Одлуката со која Собранието го овласти претседателот на Собранието беше донесена во месец јуни 2021 година. Колективните преговори со Собранието започнаа во ноември 2021 година, а нормативниот текст во целост беше усогласен во март 2022 година. Остана уште да се утврди процентот на покачување, за што требаше да се произнесе Министерството за финансии. Но што се случи? Оттогаш настана молк од страна на надлежните, за што Синдикатот одржа протест на 2.6.2022 и дури по најавата за отпочнување процес на помирување пред штрајк и многубројните медиумски соопштенија во јавноста оствари средба во Владата со премиерот на 4.10.2022.
На средбата беа слушнати нашите легитимни и оправдани барања, како и потребата за потпишување Колективен договор. Премиерот и министрите за финансии и за образование побараа дополнително време за да ги извршат неопходните пресметки. Ни беше ветено дека за кратко време ќе го добиеме одговорот на нашите барања.

Колку се реални шансите да се исполнат барањата и што ако не се исполнат? Кој е Вашиот план Б?


- Имајќи ги предвид платите на наставниот и ненаставниот кадар во регионот, нашите барања се повеќе од скромни. Овие проценти инфлацијата одамна веќе ги „изеде“. Доколку не биде надминато егзистенцијалното прашање со примањата, како и одвојувањата од Буџетот на државата за наука, многу тешко би можеле да се следат современите текови во подобрувањето на квалитетот на образованието. Тоа може само да стагнира... Ова драматично ќе се одрази на иднината и благосостојбата на државата. Ако државата не инвестира во науката и високото образование, таа нема иднина!
Вработените на УКИМ досега покажаа големо разбирање и трпение за економската состојба во државата. Мeѓутоа, трпението е веќе при крај поради фактот што се зголеми минималната плата, се покачија платите во другите сектори, постојано растат трошоците за живот, а платите на наставниот и ненаставниот кадар на УКИМ се под секое достоинство. Нема наука и прогрес без достоинствена плата. Нема автономија на Универзитетот, слобода на мислата и говорот без достоинствени плати.
Екстремно ниските плати се само еден од проблемите на УКИМ. Со години наназад се влошува положбата на УКИМ: нема инвестирања во наука, нема истражувања, нема стручна литература, нема средства за истражувања, нема нов кадар, проекти, пристап до бази на податоци, субвенционирање на издавањето на учебници и монографии... со други зборови нема елементарни услови за научноистражувачка работа кои се предуслов за високо рангирање на УКИМ. Од друга страна, постојано се говори како УКИМ паднал на ранг-листата на најдобрите универзитети во светот!

Високото образование е скапа дејност која некој мора да ја плати. 1. Во одредени земји (САД, Велика Британија) образованието чини стотици илјади долари или фунти и тоа го плаќаат родителите. 2. Во други држави студентите земаат кредит кој потоа го враќаат кога ќе се вработат. 3. Во трети, како што се Германија или Франција, државата одвојува големи средства за високото образование. Кај нас никој не ја плаќа вистинската, реална цена на високото образование! Се студира за симболични средства уплатени од родителите (200-400 евра), државата одвојува минимални средства и на крајот добрите студенти, како готов интелектуален производ, ја напуштаат земјата и заминуваат во странство, а таквиот кадар (доктори, информатичари, инжeнери) станува дефицит во државата. Затоа е итно потребна реформа во финансирањето на високото образование.
УКИМ постои повеќе од седум децении, но вработените никогаш не биле во толку лоша материјална состојба. Затоа бараме најитно потпишување на Колективниот договор на ниво на работодавец. Потпишувањето е неопходно затоа што голем број професии кои постојат на единиците на УКИМ не се предвидени и препознаени во важечките прописи (лаборанти, помошници, истражувачи и сл.). Во одредени единици, како што е Медицинскиот факултет, и многубројни клинички институти вработените имаат двоен работен однос - на Факултетот и на клиниките, што е неопходно да се уреди. Потпишувањето на Колективниот договор е право на вработените на УКИМ и одбивањето или одложувањето на неговото потпишување од страна на надлежните претставува упад во автономијата на Универзитетот, загарантирана со Уставот. Без финансиска самостојност, нема автономија на Универзитетот!



Нашите очекувања се Владата и Собранието конечно да го потпишат нашиот Колективен договор како израз на демократските вредности во државата и почитувањето на автономијата на Универзитетот. Кога државата може да ја покачи платата во Министерството за финансии за 30 отсто, на докторите, судиите и обвинителите во неколку наврати по 15 отсто, на вработените во културата, музеите, националните институти и др., тогаш мора и задолжително треба да го реши и нашиот егзистенцијален проблем – барањето за достоинствени плати! Потребна е само политичка волја!
Верувам и искрено се надевам дека надлежните ги разбираат нашите проблеми и оправданите аргументи. Уверен сум дека наскоро ќе го потпишеме нашиот Колективен договор на ниво на работодавец (на УКИМ) и дека ќе се обезбеди покачување на платите, што нема да биде големо оптоварување на Буџетот, во интерес на науката, прогресот и доброто на граѓаните. Во спротивно, доколку на наредната средба не биде позитивно одговорено на нашите барање, ќе започнеме постапка на помирување пред штрајк. За нашите барање имаме искрено разбирање и поддршка од голем број граѓани кои се изненадени од ваквиот однос на државата кон науката. Поддршка и разбирање имаме и од нашите студенти, чии интереси никогаш досега не ги доведовме во прашање затоа што ние постоиме заради нив.

УКИМ е најстариот и најголемиот универзитет во државата, кој е еден од носечките столбови на развојот и прогресот во општеството. Тоа е свето име за македонската наука. Стотици илјади граѓани го стекнале своето високо образование на овој универзитет. Меѓу нив се и голем дел од поранешните и сегашните функционери кои треба да имаат морална обврска и благодарност кон УКИМ. Поддршка на нашите барања веќе пристигна и од Универзитетот во Битола. Најави има дека и другите државни универзитети ги поддржуваат нашите барања и ќе се приклучат кон нашите барања, со оглед дека се соочуваат со истите проблеми.

Како синдикат ги застапувате интересите и на ненаставниот кадар...

- Ние сме синдикат кој ги застапува еднакво интересите и на наставниот и на ненаставниот кадар на УКИМ. Без ненаставниот кадар, исто така, не може да се замисли остварувањето на образовниот процес. Со децении наназад платите на ненаставниот кадар не се покачени и се под секое достоинство. Тие останаа заборавени и не се опфатени со минималното покачување во гранковиот колективен договор за високото образование. Токму ненаставниот кадар на УКИМ е најтешко погоден во моменталната исклучително тешка економска состојба.
Минималната плата е покачена, платите на голем број други професии и дејности во државата се покачија, трошоците за живот енормно се зголемија, само платите на вработените на УКИМ, на ненаставниот и наставниот кадар, останаа под секое достоинство.
Во рамките на ненаставниот кадар влегуваат техничкиот персонал, стручните служби, администрацијата, студентските прашања и др. Тие се многу важна и значајна алка за остварување на процесот на образование. Без нив не може да се замисли одржувањето на испитите, заверувањето на семестрите, издавањето потврди и уверенија неопходни за остварувања на правата на студентите. Нивното неработење би значело блокада на целокупниот образовен процес. Овие лица заслужуваат достојни плати за својот труд и работата што ја работат.

Многу професори иднината ја гледаат надвор од Македонија... Свесни ли сме како држава дека за неколку години ќе останеме без кадар, квалитет?

- И покрај незаинтересираноста на државата за надминување на проблемите на УКИМ, сепак академската фела и ненаставниот кадар и понатаму доследно си ја вршат својата научна мисија да образоваат, истражуваат, анализираат и творат во интерес на граѓаните и државата. Но, доколку не биде надминато егзистенцијалното прашање со примањата, како и одвојувањата од Буџетот на државата за наука, високото образование и натаму ќе тоне, младите нема да сакаат да ја одбираат професијата професор на универзитетот, а тоа ќе доведе до целосно замирање на УКИМ, кога нема да има подмладок, кога нема да има кој да работи со студентите, да пишува учебници, да се занимава со научни истражувања. Можеби тогаш некој ќе се свести каква трагедија е тоа за иднината на државата, но тогаш ќе биде доцна. Штетите што се направија со деградирањето на УКИМ во изминативе години се огромни, а доколку нешто итно не се преземе, тие ќе бидат непоправливи.
Верувам и искрено се надевам гласот на разумот ќе допре до надлежните органи и дека ќе се прифатат нашите легитимни барања. Мора конечно да му се стави крај на ова тонење на УКИМ! Како професори, со пренесувањето на нашите знаења придонесуваме за развојот и просперитетот на младите кои се иднината на државата, како и за нивната лична и семејна благосостојба. Длабоко се надевам дека нашите поранешни студенти, кои денес се во Собранието, Владата и министерствата, не ги заборавиле научените лекции што ги стекнале на студиите кои придонеле во патот кон успехот во животот и нивната кариера.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема