Насочена сум кон слушање на гласот на младите, промените кои ги сакаат, алатките кои недостигаат и се залагам истите да се воведат што е можно побрзо, истакнува министерката Тренчевска
Меѓународниот ден на младите се одбележува секоја година на 12 август. Се користи како можност за владите и другите да го насочат вниманието на младинските прашања ширум светот. По тој повод разговараме со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, за нејзините планови и приоритети за обезбедување посветла иднина на младите, обезбедување на подобро место на пазарот на трудот. Според неа, младите се долгорочна инвестиција во системот, а 12 август е ден кој носи надеж, иднина, но и силна порака - ден кој ги охрабрува младите да се погласни, покритички, посигурни во своите барања, но и во себе.
Каква поддршка им е потребна на младите на пазарот на трудот? Каков ветер во грб сакате да им дадете?
-Движечката сила на секое општество претставуваат младите. Најголемите промени низ историјата започнуваат токму од нив и нивните идеи, што резултира со подобро општество за сите. Фокусот ставен на младите е фокус кон иднината и кон успехот. Тоа го потврдува историјата, тоа го гледаме секојдневно во напредокот и забрзаните промени во светот. Младите секогаш се носителите на тие промени и иновации.
Пандемијата на ковид-19 јасно ни ги покажа бенефитите од сите промени и забрзаната дигитализација на светот, која беше водена токму од младите. Тие беа оние кои беа креативни, иновативни, гласни и непокорни за време на пандемијата и кои најмногу бенефити му вратија на општеството со иновациите што ги креираа за време на светскиот локдаун. И соочена со овој факт, со енергијата и надежта која ја чувствувам секогаш кога сум опкружена со млади, неспорен е фактот дека токму Министерството со политиките и мерките за младите и јас како министерка за труд и социјална политика сум ветерот во грбот.
Како министерка сум отворена за идеите на младите, за нивните предлози, сугестии. Свесни сме за нивната обесхрабреност, некогаш и јасно незадоволство, но само со нивна активна вклученост може да се случат промени. Затоа и овој период интензивно го реализираме караванот за млади „Остави трага“, на кој гласно говориме за младинска активност, активно вклучување во процесот на активација, кршење на стереотипите за пасивност и неперспективност, но и за градење на општество во кое има можности за сите. Караванот во 6 различни градови преку интерактивни настани исполнети со музика, уметност и театарски претстави има за цел да овозможи споделување на лични мотивирачки приказни на панелистите кои се млади лица, но и лица од јавниот и политичкиот живот. Споделувањето на приказните, на личните искуства и борби е клучно за мотивирање на младите во мигови кога се сомневаат во себе, се колебаат во своите идеи и во ризикот кој треба да го преземат.
Активно сум вклучена и во програмата „Youth Empowered“ на Скопска пивара, која ги охрабрува и зајакнува младите и која јасно ја промовира потребата од соработка на институциите и јавниот сектор, го промовира лидерството, енергијата и капацитетите на младите.
Гласот на младите допира до мене и учествува во креирањето на идните политики и преку партнерските акции кои се во склоп на Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности. Во пресрет на новиот Оперативен план за вработување, токму во склоп на оваа активност ќе се реализира и истражување за кариери аспирации на младите, кое има за цел да се добијат податоци за тоа кои професии ги привлекуваат младите во земјава, како и причините за популарноста на овие професии и очекувањата на младите од идните работодавци. Добиените резултати ќе ги промовираме заедно и заедно ќе креираме нов оперативен план, токму по теркот на младите.
Наесен ќе започнам дополнителни активности за млади кои ќе ги опфаќаат нивните предизвици и во областа на менталното здравје, активацијата на пазарот на труд, промоцијата на нови вештини и несекојдневни хоби активности, затоа што знам дека секој од овие чекори ќе ме доближи уште повеќе до младите, а нив дополнително ќе ги охрабри да ги споделат своите идеи со мене.
Кој е Вашиот фокус како министерка за труд и социјална политика кога станува збор за младите? За какви проблеми би сакале да иницирате решение?
-Насочена сум кон слушање на гласот на младите, промените кои ги сакаат, алатките кои недостигаат и се залагам истите да се воведат што е можно побрзо.
Работа од дома и работа на далечина се барања од младите кои сè повеќе промовираат креативни работни места за кои не е потребно активно присуство во канцеларија и затоа тие се двата основни институти кои ги воведуваме во новиот Закон за работни односи.
Младите имаат нови, современи погледи и на родителството и заедницата и токму нивната свест за вклученост во семејните обврски, желба за поминување време со своите деца исто така се темел на воведувањето на мајчинско, татковство и родителско отсуство, со кои јасно за првпат се дава можност татковците да минат загарантирано време со своите деца. Со воведувањето на овие институти отсуството за двајцата родители по раѓањето на нивното дете е вкупно 13 месеци.
За време на летниот период сме сведоци на позитивната пракса на активација на младите и активно вклучување на пазарот на труд. Поради нивната проактивност, но и за сите оние кои се возрасни и сè уште активни на пазарот на труд, но по неколку часа, во финална фаза е изготвување на софтвер за лесна евиденција на вработувањето, што овозможува евиденција на секој работен час.
Секоја од промените што се воведуваат е одговор на барањата на младите и е охрабрување на нивните соништа, работна активација и поголема општествена вклученост.
Како да се стимулираат младите да останат дома и знаењето да го инвестираат во нашата земја?
-Живееме во време кога границите се отворени, а со тоа сè е достапно, кога младите сакаат да ги избришат границите за да ги запознаат другите земји и култури, кога сакаат подобро вработување, подобри плати, образование и можности за напредок. Тоа ги поттикнува младите, ги вади од локалниот контекст и многу лесно ги позиционира во светот, посебно водени од економски мотиви. Во вакви услови неминовно се поставува прашањето: Како да ја спречиме потребата на младите луѓе да заминат од дома?
Посебно сме горди што Република Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија и од 2018 година во континуитет успешно ја спроведува програмата на ЕУ, „Гаранција за млади“.
Предизвикот вработување со кој се соочуваат младите лица откако ќе го заокружат образовниот процес, долгорочната невработеност, вклученоста во неформална работа, иницираше потреба од системски пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат младите во Република Северна Македонија, односно намалување на младинската невработеност и зголемување на вработливоста на младите лица. Затоа, ние како Министерство и Влада уште во 2018 година започнавме со имплементација на „Гаранција за млади“ (ГМ), која воедно е дел од европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Северна Македонија квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практикантство.
Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во „Гаранција за млади“. Речиси 40% од учесниците во „Гаранција за млади“ добија понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход. Показателите за последователно следење покажуваат дека околу 40% од оние што добиле понуда биле во позитивна ситуација 18 месеци по напуштањето на системот за обезбедување услуги од Гаранцијата за млади односно се вработени или се вклучени во некоја обука.
Пристапот во справување со невработеноста на младите лица на пазарот на трудот покажа видно подобрување на состојбите со вработувањето на младите. Во 2021 година околу 94 илјади млади луѓе во Република Северна Македонија не беа вработени, не беа вклучени во образование или обука, што одговара на четвртина од вкупното младо население односно на 24,2 % и во 2022 година 73.574 млади или 22,8%. Бројките покажуваат континуиран тренд на опаѓање во однос на 2016 година, кога 136 илјади млади луѓе биле во категоријата НЕЕТС односно 31,3%.
Успешната реализација на „Гаранција за млади“ е поддржана и од Европската Унија. Во 2020 година Владата на РСМ потпиша финансиска спогодба за договорот за секторска буџетска поддршка финансиран во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија, преку кој се обезбеди финансиска поддршка за спроведување на „Гаранција за млади“.
Исто така, во јули 2021 година Република Северна Македонија се обврза на преземање чекори за натамошно зајакнување на спроведувањето на „Гаранција за млади“ и усогласување на нејзиното спроведување со начелата што се утврдени во Препораката на Советот на ЕУ за Мост кон работни места – Зајакнување на Гаранцијата за млади (2020).
Дека „Гаранција за млади“ е во фокусот на политиките кои ги креира Владата на Република Северна Македонија покажува фактот дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со другите надлежни институции и граѓанскиот сектор изработи и усвоен е нов План за гаранција за млади 2023-2026 година. Сигурна сум дека ефикасна реализација на „Гаранција за млади“, со цел помасовен и квалитетен пристап на младите лица на пазарот на трудот во Република Северна Македонија.
Со помош на Законот за младински додаток обезбедивте надоместок од државата од 3.000 денари месечно за сте млади до 23 години кои работат во производство. Која е крајната цел на овој надоместок и дали имате слични идеи за стимулација на младите на пазарот на труд? И какви мерки за младите се подготвуваат за во иднина?
-Имајќи ја предвид потребата од поттикнување на растот на домашната економија и развој на реалниот сектор од една страна и обезбедувањето на млада работна сила за поддршка на стопанскиот развој, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика за стимулирање на младите да се вработуваат во производствена дејност воведоа младински додаток и негово регулирање со воведување на посебен Закон за младински додаток.
Согласно законот, младинскиот додаток изнесува 3.000 денари за полно работно време и право на користење има секое младо лице до периодот на навршување на 23 години. Значајни резултати се постигнати за релативно краток период, односно од започнување со имплементација на правото за користење на младински додаток во 2020 година, 9.000 млади лица го користеле правото на младински додаток и тоа подразбира вклученост на барем толку лица во дејности значајни развој на домашната економија.
Нашите политики за вработување доведоа до значаен пораст на стапката на вработеност кај младите од 15 до 29 години.
Минатата година со имплементацијата на Законот за младински додаток, со младински додаток се стекнале 3.787 млади до 23 години.
Во 2023 година до почетокот на месец август, дури 2.880 млади лица го искористиле ова право. Растот на оваа бројка ни ја покажува свесноста, но и сè помасовната вклученост на младите на пазарот на труд.
Младински додаток е мерката која овозможува рана интеграција на пазарот на труд, која е клучна во искоренувањето на трансгенерациската сиромаштија која се пренесува во некои семејства, кои со децении остануваат надвор од пазарот на труд. Токму преку оваа мерка се мотивираат младите, посебно младите девојки кои започнуваат со градење на својата економска независност од млади нозе. Во завршна фаза е и програмата во склоп на иницијативата Отворен Балкан, која овозможува слободен пристап до пазарот на труд, односно отстранување на работните дозволи за граѓаните на земјите од Отворен Балкан. Овој проект е во согласност со нашата мисија за соработка, а тоа e овозможување на четирите слободи: слобода на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги и токму младите верувам дека ќе бидат главните корисници на бенефитите од истата.
Месецов беше распишан и повикот за обуките за стекнување на сертификат за напредни ИТ-вештини. За што поточно се работи?
-Изминатите години ова беше една од најпопуларните мерки меѓу младите, кои сè повеќе сакаат да се преквалификуваат и да се вклучат активно во IT секторот. Нивните позитивни примери, промената на животниот стил, знаењето кое го добиле за време на обуките е мотив за останатите млади се повеќе да се пријавуваат на истите.
За обуки за развој на напредни дигитални вештини опфатот во 2023 година е 805 лица, што е двојно повеќе од претходната. Целта е да ги поттикнеме младите и другите групи на невработени лица да се вработат и да имаат достоинствени работни места. Исто така со создавањето на IT кадар кој е соодветно обучен, ние стануваме посакувана земја за инвестиции на нови ИТ-компании.
Мерката од Оперативниот план за вработување – Практикантство е една од најпопуларните мерки и токму неа често ја користат во ИТ-компаниите при регрутирање нови вработени. Младите преку оваа програма имаат можност да ги зајакнат своите работни вештини и да пристапат многу лесно на компаниите.
Во програмата практикантство од вкупниот број на млади лица кои се опфатени, 5.083 се со основно образование, 10 970 се со завршено средно образование и 4.132 се со вишо образование.
Каков поттик им е потребен на младите за самовработување. Што треба да се преземе за Македонија да стане плодно тло за младите и нивните бизнис-идеи?
-Финансиската поддршка за Оперативниот план за 2023 година изнесува 32 милиони евра, а вкупниот опфат на невработени лица е околу 18.000 што е за над 3.300 лица или 20% поголем од минатогодишниот план. Во новиот Оперативен план за 2023 година за поттикнување на младите и други групи на невработени лица да се вработат и постигнат достоинствени работни места во Северна Македонија се зголеми опфатот на лица со мерката самовработување со доделување на грант на рекордни 2.078 невработени лица. Неповратната поддршка од 5.000 евра за еден апликант или 10.000 евра за двајца здружени апликанти, на младите им е сигурно подадена рака за успешно развивање на идејата.
Каква порака упатувате до младите, како да се изборат или да создадат свое место на пазарот на трудот? Како да се охрабрат да бидат поамбициозни во реализирањето на желбите, соништата?
-На 12 август го одбележуваме Денот на младите. Ден кој носи надеж, иднина, но и силна порака. Ден кој ги охрабрува младите да се погласни, покритички, посигурни во своите барања, но и во себе. 2023 година е Европска година на вештини и тоа е јасен сигнал и знак дека Европа ги охрабрува младите да инвестираат во себе, да ги откриваат своите вештини и да се борат за нивна промоција. Успехот има различна дефиниција за секој од нас, носи различни предизвици и премостување на различни пречки. Успехот никогаш не доаѓа сам, ниту одеднаш. Истрајноста, упорноста, вербата во себе се вештини кои младите мора да ги имаат и сочуваат на патот кон исполнување на секој сон.
Моите активности, отвореност за соработка и нови идеи ја покажуваат поддршката која лично им ја давам. Ги охрабрувам гласно да зборуваат, да ги споделуваат своите успешни приказни, соништа и предизвици. Системот е посветен на инвестирање во човечки капитал, а токму тоа е инвестирањето во младите.
Тука морам да ги споменам и младите со попреченост. Нивната борба и условите кои законски им ги обезбедуваме. Капацитетите нивни кои треба да ги охрабриме и искористиме. Зошто процесот на деинституционализација ни покажа јасно колку потенцијал имаат младите и колку се посветени на работата која ја добиваат. Социјалните претпријатија кои ги вклучуваат ни ја доловуваат силата, но и разнобојноста на идеи токму на овие млади, кои полека, но сигурно, сè повеќе учествуваат во движењето на економијата и во промена на правилата за инклузивност на пазарот на труд.
Општеството за сите е тука и секојдневно вложуваме во него затоа само ќе им речам: Бидете гласни, тука сме да ве слушнеме!