11.10.2022
Образование
Почина проф. д-р Татјана Петрушевска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“
По долго боледување денес почина проф.д-р Татјана Петрушевска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Со нејзината смрт загубивме драга и почитувана колешка и особено ценета пријателка, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог и посветен наставник“, соопштија од Правниот факултет.
Петрушевска беше редовен професор по меѓународно право, право на меѓународните организации, право на меѓународните трибунали, дипломатско и конзуларно право, мултилатерална дипломатија, мултилатерална дипломатија и Организацијата на обединетите нации, право на Европската унија.
Петрушевска има објавено повеќе од 250 научни и стручни трудови во домашни и странски стручни списанија на теми од областа на меѓународното јавно право и правото на Европската Унија.
Нека почива во мир!