X
 12.01.2017 Живот

Расветлена судбината на еден од најголемите Хитлерови злосторници

Нацистичкиот воен злосторник Алоис Брунер, одговорен за смртта на 130 илјади Евреи, починал во 2001 година на 89-годишна возраст, затворен во запустен подрум во Дамаск. Веста била објавена во француското списание „XXI“.

Вработените во тоа списание, спровеле истрага за судбината на една од најопасните фигури на нацистичкиот режим. Тројца поранешни членови на сириската тајна служба со која разговарале новинарите од списанието, рекле дека поранешниот соработник на Адолф Ајхман, последните години од животот ги поминал во мизерни услови, во подрумот на една зграда во Дамаск. Австриецот бил управител на логорот Дранси, северно од Париз, од каде што Евреите од окупираниот дел на Франција биле транспортирани во Аушвиц. Извори велат дека до крајот на животот останал неколеблив нацист и антисемит.

Еден од неговите чувари рекол дека Брунер последните години живеел во нехигиенски услови и јадел скромни војнички оброци. Околностите под кои завршил животот на Брунер долго време биле непознати. Ловецот на нацисти Серж Кларсфилд, чиј татко починал во Аушвиц, изјавил дека заклучоците на списанието „XXI“, изгледаат навистина веродостојни.

брунер

Брунер по Втората светска војна и избегал на правдата благодарение на замената на идентитетот. Во Германија успевал да се крие се до 1953 година кога со лажни документи побегнал во Египет. Потоа со лажен идентитет живеел во Алжир и во Сирија каде што работел за владата и бил советник на сириската тајна служба. Кога израелските и западните тајни служби успеале да му ја најдат трагата, сириската влада, која го негирала неговото постоење, во 1989 година го ставила во куќен притвор. Заради безбедносни причини, во 90-те е преместен во споменатиот подрум.

Во телефонско интервју за еден американски и еден германски весник во средината на 80-те, Брунер наводно изјавил дека не жали за својата улога во холокаустот. За него било напишано : „Ги мразеше Евреите до крај, а неговата вера во националсоцијализмот останала недопрена“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот