X
 09.10.2022 Живот

На што се должи популарноста на крими-сериите базирани на вистински приказни?

Морничави вистинити настани се сè почеста инспирација за снимање вистински криминални серии и филмови, особено кога станува збор за „Нетфликс“. Темите за криминал се попопуларни од кога било, за што сведочи понудата на стриминг-платформите.

Само во изминатите две недели две крими-серии базирани на вистински настани пристигнаа на „Нетфликс“ и ја шокираа јавноста: „Гревовите на нашата мајка“ и „Дамер-чудовиште: Приказната за Џефри Дамер“. И двете серии го достигнаа врвот на гледаност на „Нетфликс“.

Најновата криминална серија базирана на вистински настан за портретот на серискиот убиец Џефри Дамер детално ги опишува и прикажува злосторствата што тој ги извршил, а многумина се згрозени од сцените. Од 21 септември, кога стана достапна на „Нетфликс“, серијата е на првото место.

Зошто овој жанр е толку популарен?


Иако сцените од ваквите серии се ужасни и ја згрозуваат јавноста, а темата е тешка и морбидна, сепак овие серии се прилично популарни. Зошто? Истражувањата покажуваат дека овој конкретен жанр ја доби наклонетоста од жените од сите возрасти, а експертите објаснуваат зошто.

Уште од самите почетоци овој жанр постигна голема популарност. „Убиствата во Мичиген“ беше серија за убиства на млади жени што се случиле помеѓу 1967 и 1969 година во југоисточен Мичиген, па биле претворени во книга, а подоцна и во серија.

Иако порано ваквите злосторства биле раскажувани од човек на човек, биле дел од телевизијата и за нив се пишувало во книгите, денес претставувањето на овие приказни е поразлично, па добиваат формат на серија.

Додека гледаме серии и филмови, додека читаме или слушаме за страшни злосторства извршени од некого, навлегуваме во мрачен свет до кој вообичаено немаме пристап. Љубопитни сме за деталите за ваквите морбидни настани. Во овие ситуации размислуваме што ќе се случи понатаму и замислуваме како би реагирале доколку ни се случи такво нешто. Морбидните и опасни приказни брзо се шират меѓу луѓето, а психолозите тврдат дека приказните за убиства, силувања и кражби се прераскажуваат уште од појавата на првите луѓе.



Причината за тоа е инстинктот. Нè интересира зошто некој направил нешто лошо, што му било на ум кога извршил злосторство и чувствуваме задоволство кога убиецот или силувачот ќе ја добие казната што ја заслужува. Нашите мозоци се направени на таков начин што имаме потреба да решаваме загатки и поради тоа сме зависни од вистинска криминална содржина. Почнуваме да формираме теории за тоа кој го извршил злосторството и каде го сокрил оружјето и сè повеќе сакаме да учествуваме во разрешувањето на мистеријата.

Овој жанр претставува извор на информации за спасување животи

Додека за некои овој жанр е извор на забава и стимулација на мозокот, за други е извор на информации што може да им ги спаси животите. Истражување од 2010 година под наслов „Заробени од вистински криминал“: Зошто жените се привлечени од приказните за силувања, убиства и сериски убијци?“ покажа дека жените се значително повеќе привлечени од вистинска криминална содржина отколку мажите. Со консумирање ваква содржина жените градат чувство на контрола и повеќе ја гледаат како добар извор на информации. Тоа им помага да го разберат умот на личноста која е подготвена да изврши кривично дело, за да препознаат такви карактеристики кај луѓето околу нив.


Жените апсорбираат информации за справување со насилство

Значи, вистинските криминални приказни, без разлика дали се во форма на книги, поткасти, филмови или серии, честопати ги истакнуваат деталите од мисловните процеси на криминалците. Жените, иако се плашат да станат жртви на криминал, се заинтересирани за вистинскиот криминалистички жанр бидејќи им помага да разберат како е извршено кривичното дело.

Од серијата добиваат одговори на прашањата: што го мотивирало напаѓачот, како жртвата паднала во стапицата, какви техники користела жртвата за да избега и слично. Додека ја консумираат оваа содржина, жените потсвесно апсорбираат информации за справување со застрашувачки ситуации и трикови за да ги забележат знаците што можат да доведат до насилство.

Тоа значи дека жените се подготвени да поминат низ непријатност и страв за да добијат вистинско објаснување за злосторството.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот