Животот полека се враќа во областите уништени од пожарите што ја зафатија Австралија, откриваат фотографии направени од локална фотографка.
Мери Вурвинде патувала низ Кулнура, Нов Јужен Велс, и направила горчливо-слатки фотографии од витални цвеќиња изникнати низ црниот и изгорен
регион.
- Покрај сето она што е изгубено во природата, повторно има надеж за живот - напиша таа на „Фејсбук“.
Фотографката во својата објава објаснува како зборувала со мештаните, кои раскажувале за храбрите пожарникари и персоналот на итните служби што им помогнале во еден од најстрашните периоди во нивните животи.
Вурвинде објави и неверојатна фотографија од црвено-жолто растение како расте на стеблото на изгорено дрво.
- За локалното население, оваа глетка претставува надеж дека природата брзо се обновува, како што направија и тие - додава фотографката.
Таа објави и други фотографии што го прикажуваат преродувањето по уништувањето предизвикано од пожарите.
Во меѓувреме, со авиони се фрлаат илјадници килограми моркови и слатки компири за гладните животни кои се заробени поради кризата со пожарите.
Владата на Нов Јужен Велс ја одобри операцијата во чии рамки беа фрлени повеќе од 2.200 килограми свеж зеленчук за
животните.
Мет Кин, министер за животна средина на Нов Јужен Велс, истакна дека иако животните успеале да избегаат од пожарите, тие сега се надвор од нивниот природен хабитат и се оставени без храна. Тој додаде дека тие поставуваат и камери за да ги следат земањето на храната и бројноста и разновидноста на животните.
Истовремено, зградата на операта во
Сиднеј светеше во фотографии од австралиските пожарникари што неуморно ги гаснат пожарите. Но, наместо тажни глетки, на фотографиите беа прикажани некои од најпозитивните примери на човековото дејствување и некои од најубавите приказни што излегоа од страшните случки што ја потресоа Австралија.