X
 12.04.2019 Живот

Научниците предупредуваат - овие делови на Европа до 2100 година ќе бидат непрепознатливи

До крајот на векот глобалното затоплување ќе стопи поголем дел од ледот кој го обликува изгледот и екосоставот на денешните Алпи, предвидуваат швајцарските научници.

Дури и ако светот успее да ја исполни зададената цел за ограничување на глобалното затоплување на помалку од 2 Целзиусови степена во однос на прединдустриското ниво, две третини од ледот на европските планински венци ќе исчезне до 2100 година, истакнаа глациолозите од Швајцарскиот федерален институт за технологија (ЕТХ) во Цирих.

Ако климатските промени не се стават под контрола и ако емисиите на стакленичките гасови продолжат да растат, Алпите главно ќе бидат без лед до 2100 година и само изолирани делови на лед ќе останат на врвовите - истакна Матијас Хус, коавтор на студијата.

Студијата беше претставена на состанокот на Европската геонаучна унија во Виена и се заснова на компјутерски модел со кој се следи движењето на ледот и процесот на топење.

Научниците предупредија и дека половина од денешниот лед на алпските врвови ќе исчезне до 2050 година.

Глобалниот раст на температурите ќе стане поизразен во втората половина од векот, велат научниците.

Ледот на планините привлекува туристи, но најважно е тоа што тој е извор на вода за растителниот и животинскиот свет, за земјоделството и хидроелектраните.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот