Стручњаци од ветеринарната медицина од поширокиот регион, заедно со македонски колеги, учествуваа на вториот Семинар од областа на ветеринарната медицина што се одржа во Битола, на 13 април 2024 г.
Семинарот покажа дека во динамичниот свет на ветеринарната медицина, постојаната обука и перманентната едукација се суштински компоненти. Тие, од една страна, поврзуваат врвни професионалци и воедно ги соединуваат со други важни чинители: компании, аптеки и соработници чија дејност е тесно поврзана со ветеринарната медицина.
Деканот на Ветеринарниот факултет - Битола, единица на УКЛО, проф. д-р Никола Караболовски, потенцира: „Нашата намера е да продолжиме со активности за продлабочување на знаењата со директна интеракција. Тоа не е само професионална обврска, туку и важен дел од професионалниот развој. Само со континуирана едукација се јакнe стручноста и перманентно се подобрува професионалната компетентност. Не забораваме дека ветеринарната медицина е еден вид работна уметност. Затоа, Семинарот треба да ни помогне да научиме нешто повеќе за нашата работа и да обезбедуваме поуспешна и попродуктивна едукација за младите генерации ветеринари. Особено се радуваме на новината дека семинарските теми и презентации се одвиваа под боите на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС, чиј конститутивен чинител е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Таа дополнителна вредност е всушност додадена вредност и на Семинарот.
Проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, истакна: „Особено ме радува фактот дека Семинарот се реализира со меѓународно учество. Таа научно-интернационална тежина што е поврзана со учество на колеги од регионот, несомнено импонира. Бидејќи од почетокот на годинава Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола има нов предзнак – европски, како член на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС, сега тој епитет се пренесува и на сите наши настани и тоа нѐ прави посебно радосни и горди.
Овој впечатлив атрибут на нашиот УКЛО претставува ново својство и епитет што се поврзува и со стручниот собир од областа на ветеринарната медицина“.
Од име на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Игор Неделковски, и комплетниот менаџмент, им се заблагодари на сите вработени на Ветеринарниот факултет - Битола за организацијата на Семинарот. Тој потенцира: „Иако од аспект на временско траење Факултетот е меѓу помладите во регионот, има воспоставени цврсти врски со поодамна етаблирани факултети и остварува конкретна, континуирана соработка на различни научни, образовни, проектни и други аспекти, што го зголемува академското задоволство“.
Семинарот од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет – Битола, единица на УКЛО, се одржа во коорганизација со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија и обедини околу 200 учесници, меѓу кои стручњаци од Србија, Хрватска, Бугарија и првпат присуствуваа гости од Турција.
Високите оцени за стручниот собир и организацијата на вториот Семинар од областа на ветеринарната медицина со меѓународно учество доаѓаат и од студентите. Тие се неподелени во ставот дека за нив стручниот собир е многу значајно и позитивно искуство бидејќи како студенти се целосно вклучени во организацијата. Особено позитивно ги оценуваат за нивната пракса контактите со професори од други универзитети и од други земји.
Генералната оцена е дека вредноста и значењето на вториот Семинар од областа на ветеринарната медицина со меѓународно учество произлегува од природната поврзаност и плодната соработка која Ветеринарниот факултет– Битола ја остварува со Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, која и овој пат беше во функција на коорганизатор на Семинарот и истиот го акредитира со девет бода.
(Комерцијална објава)