X
 12.06.2021 Здравје

Изложеност на сонце и актинични кератози

Ултравиолетовото зрачење е дел од природната енергија што ја продуцира Сонцето. Очите не можат да ги видат овие зраци, но кожата може да ги почувствува. Toa e најважниот модифицирачки ризик-фактор за кожен карцином и многу други кожни нарушувања. Ултравиолетовото зрачење, исто така, е корисно за човечкото здравје бидејќи учествува во синтезата на витамин Д и ендорфини во кожата. Ултравиолетовите зраци се поделени на 3, и тоа УВА, УБВ и УВЦ. УВА и УВБ-зраците имаат најзначајни ефекти врз кожата.

УВА (90-99% од ултравиолетовите зраци што продираат до Земјата), генерално имаат послаб биолошки ефект, поголема бранова должина, пенетрираат до средниот слој на кожата (dermis) и главно се поврзани со предвремено стареење на кожата и пигментација.
УВБ-зраците имаат поголеми фотобиолошки ефекти врз кожата, помала бранова должина, пенетрираат до површниот слој на кожата (epidermis) и главно се асоцирани со сончеви изгореници.

И покрај различниот ефект на овие два вида УВ-зраци врз кожата, она што е заедничко е што долготрајната и зголемена изложеност на нив води до оштетување на ДНК на кератиноцитите и до можност за развој на кожен карцином.

Како реагира кожата на нивното дејство?

Кожни промени поврзани со изложеност на сонце се актинични кератози, бенигни тумори, брчки, пеги, дамки, депигментации, жолтеникави дисколорации на кожата, телеангиектазии.

Актинична - соларна кератоза

Актиничните кератози познати како соларни или сенилни кератози се доста честа состојба, маркер за хронично оштетена кожа поради долготрајна изложеност на сончеви зраци. Тие претставуваат интраепителиелна кератиноцитна дисплазија, со потенцијал за малигна трансформација во немеланомски кожен карцином и се трета причина зa посета на дерматовенеролог.
Главни ризик-фактори:
1. Возраст
2. Пол
3. Светла кожа (fitzpatrik fenotip 1 I 2 ), (кај потемните типови на кожа, пигментот меланин застапен во кожата има протективно дејство)
4. Имуносупресија и претходна историја на кожни неоплазми
5. Кумулативна животна изложенoст на УВ-сончево зрачење – единствен најзначаен фактор за развој на актинични кератози

Како изгледа?

Типичен пациент со актинични кератози е постара личност, со светол тен, осетлив на сончево зрачење. Клинички се презентира како еритематозни макули, папули или плаки со слабо дефинирани граници и може да се препокриени со лушпи. Бојата може да варира од розова, црвеникава до кафеава. Актиничните кератози почесто се почувствувани отколку видени. Во раните фази едноставно може да се почувствува на допир како груба или лушпеста промена која наликува на сува кожа со големина од 3 до 10 мм. Вообичаено се асимптоматски, но понекогаш пациентите пренесуваат дека имаат дискомфор, чувство на пецкање, болка, крвавење и чешање. Се појавуваат на места најмногу изложени на сонце, т.н. предилекциони места, како скалпот, лицето, вратот, рамен појас, дланките и рацете.
Изолираните лезии се развиваат на нормална кожа, но често мултипни лезии се развиваат на кожа со присутни знаци на хронично сончево оштетување како спајдер вени, пигментни точки, брчки, жолтеникави дамки и слично. Ризикот од развој на нови лезии во една година е 60%, укажувајќи на хроничноста на оваа патологија.


Д-р Љубица Илиевска

Како се дијагностицира?

Во најголемиот број случаи, се дијагностицира клинички. Дермоскопијата е метода која има голема сензитивност и специфичност во потврдување на дијагнозата и диференцијалната дијагностика со оглед на тоа што актиничните кератози имаат специфични дермоскопски карактеристики.
Во одредени случаи неопходна е биопсија на кожата. Главните критериуми за изведување на оваа дијагностичка метода се: големи лезии (> 1 см во дијаметар), крвавење, улцерации или индурации, брзорастечки лезии и еритем.

Диференцијална дијагноза


Кожни промени кои може да асоцираат на актинични кератози се себороична кератоза, Bowen-ова болест, базален кожен карцином, порокератоза, псоријаза, Lupus erythematosus, lihen planus вирусни брадавици, lentigo maligna кај пигментираните актинични кератози.

Еволуција и прогноза


Актиничните кератози можат:

1. Спонтано да исчезнат
2. Да останат стабилни непроменети
3. Да преминат и прогресираат во кожен карцином.

Може ли да се излекува?

Бидејќи актиничните кератози имаат потенцијал за малигна трансформација, сите лезии треба да се третираат! Изборот на третман зависи од дебелината, локализацијата, големината на лезиите и нивниот број и треба да е индивидуализиран според потребите на секој пациент. Тие се поделени во 2 групи:

1. Хируршки методи чија цел е отстранување само на лезиите.
Криотерапија: инвазивна метода со која се врши замрзнување на лезиите со течен азот. Брза, ефективна и евтина процедура. Добро се толерира, може да предизвика болка, црвенило, крусти и резидуална хипопигментација;
Киретажа: гребење на промената со кирета. Како монотерапија особено е индицирана кај хиперкератотични актинични кератози.
Хируршка ексцизија: доста ефективна, но ретко користена инвазивна процедура;
CO2 – ласер: скапи и помалку практични од криотерапијата, со слична или помала ефикасност и безбедност.

2. Топични - за третман на целата регија каде што е присутна актиничната кератоза (на пример лице, скалп, чело и др.)

5FU(5 флуороурацил) - се користи во концентрација од 0,5 до 5%.
Imiquimod – имуномодулатор, се користи во концентрации од 2,5%, 3,75% и 5% со различно времетраење. Третманот со Imiquimod 5% е поефективен од третманот со 5FU и криотерапија.
Ingenol mebutat – се користи во концентрации од 0,015% за актинични кератози на лице и скалп 3 дена и 0,05% за другите регии 2 дена.
Diclofenac – 3% diclofenac гел + 2,5% хијалуронска киселина. Несаканите ефекти се помали и има поголема стапка на толеранција.
PDT (фотодинамична терапија) – се состои од употреба на фотосензитивна материја (5-аминолевулинска киселина или метил аминолевулинат) и извор на светлина со одредена бранова должина при која се создаваат реактивни оксидативни радикали кои ја уништуваат лезијата преку фотохемиска реакција.

Препораки:

1. Често прави самопреглед на својата кожа, најмалку еднаш месечно.
2. Користи соодветна заштита од сончево зрачење, може да го намали ризикот од развој на актинични кератози.
3. Користи кремови со соодветен фактор на заштита.
4. Избегнувај изложеност на сонце во периодот од 10:00 до 16:00.

Пишува: д-р Љубица Илиевска, доктор по општа медицина

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје