Меѓународен тим од научници со детална анализа на ледените јадра утврди дека најдлабоките слоеви на мраз на висорамнината Гулија во северозападен Тибет потекнуваат од пред повеќе од 128.000 години.
Овој длабок мраз преживеал од последниот меѓуледен период, со што претставува еден од најстарите и најдолгите континуирани записи за климатските услови надвор од поларните подрачја на Земјата.
Потврда од изотопите и магнетна трага стара 41.000 години
Во студијата објавена во списанието „Сајенс адвансес“, истражувачите ги споредиле примероците од јадрата издупчени на глечерот Гулија во 1992 и 2015 година. Утврдено е целосно совпаѓање во изотопите на кислородот, со што е потврдено дека дел од мразот се протега значително подалеку од холоценот — геолошка епоха која започнала пред околу 12.000 години.
- Ако на Тибет имавме мраз само од епохата на холоценот, тоа би значело дека големите ледени покривки од последниот леден период не опстанале низ раниот холоцен. Но доказите покажуваат дека опстанале - објасни Лони Томпсон, главниот автор на студијата.
Староста на мразот е одредена со помош на радиоактивни изотопи на берилиум и хлор, а идентификувана е хемиска трага поврзана со нарушување на Земјиното магнетно поле кое се случило пред повеќе од 41.000 години.
Добиените податоци потоа беа успешно споредени со изотопските записи од пештерските талози на подрачјето на Тибет.
Зошто ова откритие е единствено во светот?
Планинските ледени јадра од времето на последниот леден период се исклучително ретки. Додека примероците издупчени на планината Уаскаран во перуанските Анди се стари околу 30.000 години, овие примероци од Тибет се стари над 100.000 години, што ја прави Гулија единствена архива за проучување на климатските промени во регион кој е исклучително чувствителен на промени во температурата и врнежите.
Фото: принтскрин/јутјуб