Доц. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во октомври учествуваше на 19. Светски конгрес за криминологија (INTERCRIM 2019), кој се одржа во Доха, Катар, каде што доби меѓународна награда.
Станојоска ја прими меѓународната научна награда на Иницијативата Education4Justice на UNODC (Канцеларијата за дрога и криминал на ООН) и Меѓународното здружение за криминологија (ISC) во Best Paper Worldwide Competition for Young Scholars за оригиналниот научен труд „Testing Agnew’s GST among incarcerated women in the Republic of North Macedonia” во коавторство со м-р Јулија Јуртоска.
Трудот ќе биде објавен во специјален број на меѓународното научно списание „International Annals of Criminology” (Cambridge University Press) на крајот од декември 2019 година.
Која беше целта на Вашето истражување и како ја добивте идејата за него?
- Тестирајќи ја Генералната теорија на напнатост на Роберт Агњу, направивме обид да ги откриеме најчестите извори на напнатост кај жените сторители на кривични дела, притоа анализирајќи ја и корелацијата на негативните емоции и нивото на криминалност кај нив. Претходно преку употреба на статистиката на Државниот завод за статистика и општествената положба на жените во македонското општество, избравме потенцијални извори на напнатост за потоа истите да ги анализираме преку тестирањето на теоријата.
Врз основа на резултатите, на општествено, но и на индивидуално ниво би можело да се работи на отстранување на изворите на напнатост и на таков начин да се превенира идно криминално однесување кај жените.
Што за Вас значи добиеното признание и како би го искористиле во иднина?
- Стремежот на секој истражувач, па и нашиот е да понудиме квалитетни криминолошки истражувања и да станеме видливи и тоа не само во национални, туку и во европски и светски рамки.
Добиените признанија значат потврда дека сме на вистинскиот пат во научната работа, но и поттик за идно научно дејствување, и тоа не само заради лично позиционирање во научниот и академскиот свет, туку и поради успешно дејствување кон квалитетни промени и подобрување на целокупниот општествен систем.
Нашето научно работење нема да застане на овој труд, туку ќе го продолжиме и во иднина со нови компаративни тестирања на теоријата, но и кон истражување на различни типови криминално однесување, пред сè на жените како сторители на кривични дела.
Исто така, пред една седмица од печат излезе и универзитетскиот учебник по криминологија (прв на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола за предметот „Криминологија“) на кој автори сме јас и д-р Пере Аслимоски, што би требало уште повеќе да ја зацврсти положбата на криминологијата како наука во студиските програми од прв и втор циклус на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Која е важноста на идните криминолошки истражувања во процесот на превенција на криминалното однесување?
- Криминологијата е наука која е клучна при анализата на етиолошките карактеристики на одредени криминални однесувања или типови криминал. Познавањето на етиологијата на таквите дејствија е важно заради изградба на мерки кои би се користеле при отстранување на криминогените фактори. Овој процес е само дел од процесот на дејствување при спречувањето и превенцијата на идни криминални дејствија, и тоа и на генерално општествено ниво, но и на ниво на сторителот на кривичното/кривичните дела.