X
 12.11.2020 Здравје

Студенти од ФЕИТ ја создаоа „Говорко“ - нова апликација за поддршка на деца со попречен говор

Во проектот се вклучени неколку студенти и еден професор од ФЕИТ, заедно со две здруженија

„Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска го промовираа комуникаторот „Говорко“ - нова апликација наменета за поддршка на деца со попречен говор. Асистивната технологија овозможува лицата со попреченост да бидат активни граѓани во општеството. Треба да е присутна и достапна секаде каде што луѓето имаат потреба: во домот, училишта, болници, маркети, банки, игротеки и сл, бидејќи го олеснува секојдневното функционирање.

Потребата од производи на нашиот пазар кои го поддржуваат вклучувањето на лицата со попреченост во сите текови на живеењето довело соработка од која излеголе корисен производ – велат организаторите. Во проектот се вклучени неколку студенти и еден професор од ФЕИТ, заедно со две здруженија.

- На ФЕИТ постои голема традиција во негувањето на електротехниката, електрониката и новите технологии. Посебен акцент во своето делување факултетот му дава на општествената одговорност и давање придонес кон заедницата. Во тој контекст ФЕИТ има богата соработка со здружението „Отворете ги прозорците“, која во последно време се интензивира. Како плод на таа соработка е денешниот производ кој претставува уред за асистивна комуникација, кој е втора верзија на системот, а на неговиот развој досега работеа четворица студенти од Институтот за електроника во склоп на нивните проектни задачи по предметите Дигитално процесирање на аудио и Биомедицинска електроника – изјави професорот од ФЕИТ, Бранислав Геразов.

Апликацијата може да се користи на паметните уреди кои користат Android оперативен систем, секако не се исклучува можноста понатаму да се развие и верзија за IOS. Оваа апликација има функција на алатка и е направена да биде едноставна за користење бидејќи нејзината цел е полесно и поедноставно да се воспостави основна комуникација со околината. Принципот на работа на апликацијата е активирање на предснимени говорни пораки со притискање на полиња/копчиња.
- Во секоја од категориите се наоѓа множество од соодветни зборови. Секоја категорија и секој збор се објаснети со текст и со симбол или слика, во зависност од изборот на корисникот. Корисникот може да избере на кое ниво ќе го користи комуникаторот. Се надеваме дека во иднина оваа апликација ќе продолжи да се надоградува и ќе прерасне во нешто многу поголемо и покорисно - објасни Валерија Младеновиќ, една од четворицата креатори на апликацијата.

За да се поттикне и развој на комуникација со деца кои имаат говорни тешкотии во „Отворете ги прозорците“ досега користеле говорни табли кои се доста скапи и ги нема на нашиот пазар. Искуството и предизвиците од користење на таблите, како и секојдневната работа со корисниците им овозможиле да дадат придонес при создавање на комуникаторот „Говорко“.
- Дадовме насоки апликацијата да биде пристапна во однос на сликите кои се користат, контрастот, големината и бројот на полиња, можноста за избор на глас. Со еден збор: можност за прилагодување на потребата на секој корисник зависно од индивидуалните способностите и можности – вели Марија Велиновска-Велковска, специјален едукатор.
Според нејзината колешка Маја Трајчова, спликацијата на тестирале со 30 деца, кои имаат потешкотии во комуникацијата.
-Децата со кои ја тестиравме апликацијата „Говорко“ беа невербални деца или деца со многу оскуден говор. Она што го забележавме е дека повеќето деца позитивно реагираа на апликацијата и покажаа знаци за склоност кон употреба на апликацијата за комуникација – вели таа.

Изворниот код на апликацијата е достапен тука, а на следниот линк може да го погледнете демото. . Наскоро апликацијата „Говорко“ се очекува да биде достапна на Play Store.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје