X
 12.11.2021 Здравје

Долгорочни нуспојави од вакцини се невозможни, велат германски имунолози

Многумина се двоумат да се вакцинираат против ковид-19 поради можни долгорочни несакани последици. Познато е дека несаканите ефекти и алергиските реакции веднаш по примањето на вакцината се исклучително ретки, како и тромбоза и миокардитис неколку недели по вакцинацијата. Но што станува со последиците што би можеле да се појават подоцна?

„Дојче веле“ одговара на најважните прашања на оваа тема, повикувајќи се на разговори со експерти и достапни научни сознанија.

Кои се разликите помеѓу реакција на вакцина, нуспојава и долготрајни последици?

Реакциите на вакцинацијата обично се јавуваат набргу по вакцинирањето и може да траат неколку дена. Кај вакцините против ковид-19 тоа се болка на местото на убодот, главоболка и зголемена температура. Овие реакции на телото укажуваат дека имунолошкиот систем се бори со вакцината.


Фото: Pixabay

Нуспојавите се посилни реакции на вакцините. Тие се несакани реакции на телото на вакцината кои се јавуваат покрај нормалните реакции на вакцината, вели Кристин Фалк, претседател на Германското имунолошко општество и професор на Институтот за трансплантациона имунологија во Хановер.

Тие се посериозни од вообичаените реакции и во најлош случај може да доведат до оштетувања кои имаат долгорочни последици врз здравјето. Откриени се многу ретки нуспојави како тромбоза и миокардитис.

Долгорочните последици не може да се издвојат од нуспојавите. Имунологот Карстен Вакл објаснил дека тоа се нуспојави кои се јавуваат по извесно време. На пример, доколку некоја нуспојава се јави само кај еден од милион луѓе, таа поврзаност е видлива дури откако се вакцинираат неколку милиони луѓе.

Досега во светот се ставени над 6,8 милијарди дози, па затоа може да се видат и ретките нуспојави, објаснува имунологот Рајнхолд Ферстер.

Што е со случаите на тромбоза по вакцинирање со „Астра зенека“?

Станува збор за ретка нуспојава, а вклучува тешки случаи со крвно згрутчување на невообичаени места, како мозокот. Студиите за одобрување на употребата на вакцините не можат да ги покажат ретките случаи поради малиот број на испитаници, па затоа оваа нуспојава била забележана дури откако вакцината била одобрена.


Фото: Pixabay

Според австралиските здравствени власти, тромбозата се јавува само кај 4-6 лица од милион луѓе што се вакцинирани со таа вакцина. Според податоци од германскиот Централен завод за хигиена, поголемиот дел од случаите на тромбоза се јавуваат од две до три седмици по вакцинирањето и најчесто кај лица помлади од 60 години. Доколку нуспојавата се открие рано, може да се лекува.

Колку време ѝ треба на вакцината да се разгради во телото?

Постојат различни видови вакцини, а на сите им се потребни денови до седмици за целосно да се разградат и да не бидат присутни во телото. Затоа, не би можеле да се појават задоцнети реакции бидејќи по неколку недели во телото нема ни траги од вакцината, објаснува Ферстер.

Дали кај претходни вакцини биле откривани нуспојави по неколку години?

Кај вакцината „Пандемрикс“ против свинскиот грип е забележана многу ретка нуспојава - нарколепсија, односно болест на спиење. Нуспојавата се појавила по месеци од започнувањето со вакцинацијата бидејќи на почетокот не се вакцинирале многу луѓе.


Фото: Pixabay

Оваа несакана појава повремено се јавувала кај деца и млади од 4 до 19-годишна возраст, а се јавува за неколку седмици по вакцинацијата. Се проценува дека се јавуваат 2-6 случаи на 100.000 лица. Оваа вакцина повеќе не се користи во ЕУ.

Кои нуспојави се забележани кај вакцините против ковид-19?

Институтот „Пол Ерлих“ наведува нуспојави од овие вакцини во извештај. Тоа се миокардитис, односно воспаление на срцевиот мускул, и перикардитис, што претставува воспаление на надворешната обвивка на срцето. Пријавени се и анафилактички реакции, тромбоза, Гилен-бареов синдром и тромбоцитопенија.

Сите од овие нуспојави се толку ретки што ризикот од зараза и тешко заболување од ковид-19 е повеќекратно повисок од нуспојавите.

Водечките имунолози во Германија ја исклучуваат можноста за заболувања години по вакцинацијата. Телото реагира на вакцината веднаш или по неколку седмици и тогаш може да развие реакции или евентуално несакани последици.

Според имунолозите со кои разговара „Дојче веле“, долгорочните несакани појави не се возможни, а не се ниту познати кај другите вакцини бидејќи телото брзо ја разградува вакцината.

Извор: DW
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје