Инженерите на „Гугл“ во просек треба да научат и да знаат околу 10 технологии (HTML и CSS не се важат), раскажува Ивановски, кој дипломирал на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“
Охриѓанецот Јован Иваноски од пред четири месеци е дел од тимот на „Гугл“ во Остин, Тексас. По петгодишен престој и доедукација и работа во Мајами, Иваноски го прифатил новиот предизвик да работи како софтверски инженер во канцеларијата на „Гугл“ во Тексас.
Јован ни раскажа како го живее американскиот сон и како тече неговото адаптирање во една од најуспешните компании во светот. Но, секако, муабетот го почнуваме со состојбата со коронавирусот и како се работи во „Гугл“ во овие невообичаени денови.
Ивановски вели дека коронавирусот навистина го изненади целиот свет и дека многу работи ќе се сменат откако ќе помине. Најпрво, многу состаноци, конференции и настани ќе се префрлат онлајн. Не само тоа, и многу работни позиции ќе се отворат онлајн, со што ќе се смени и начинот на оперирање на многу компании.
- Во врска со „Гугл“, многу сум среќен што бевме меѓу првите компании во САД што почнаа да работат од дома. Тоа нè заштити и сигурен сум дека поттикна и други компании да го направат истото и да го спречат ширењето на вирусот. Згора на тоа, „Гугл“ им додели посебни бенефиции на вработените за време на коронавирусот, како што се дополнителни денови за одмор за да се намали стресот кој доаѓа со работата од дома, дополнителна помош за вработените што се родители и помош со опрема за работа од дома - вели Јован.
Тој додава дека „Гугл“, исто така, донирал 800 милиони долари за помош на заболените од вирусот, за мали и средни бизниси, за СЗО (Светска здравствена организација) и за 100 други владини организации.
- Со цело срце се надевам дека вирусот побрзо ќе помине и сите ќе почнеме со нормалниот тек на живот.
Но, како било за време на неговата адаптација пред да почне коронавирусот и како е да се биде дел од гугл-семејството?
- Многу е возбудливо и интересно. Кога ќе почнеш со работа во „Гугл“, често ќе слушнеш од луѓето што веќе долго време работат тука дека првите шест месеци се најтешки и има огромен број информации што треба да се „впијат“. Тоа најмногу се должи на фактот дека продуктите на „Гугл“ се градат за милијарди корисници, и процесот што фирмата го користи за да гради таков софтвер е многу поразличен од обично. Во случајот на „Гугл“, во просек еден инженер треба да научи околу 10 технологии (HTML и CSS не се важат!).
Ивановски ни објасни дека се работи со многу тимови истовремено и треба строго да се запазат јазични, легални, сигурносни и други страни на продуктот.
- Сето ова е дел од еден огромен процес кој треба да се научи, па затоа прават првите шест месеци се еден интересен период во кариерата како ‘Googler’. Другата страна на она „интересното“ е тоа што канцелариите се фантастични. Не е тешко да се навикнеш на бесконечно јадење, бесплатна фитнес-сала, 24/7 мини-кујни, маси за пинг-понг, плејстејшн и иксбокс-соби, масажи, бербер, соби за спиење (да), кафетерии. Во канцеларијата во Њујорк има и карпа за внатрешно рекреативно планинарење. Тоа е само дел од работите што го прават овој почеток воодушевувачки. Многу ми е драго што имам шанса да ја претставувам Македонија во најдобро светло - вели тој.
Во Мајами научил шпански
Јован раскажува дека во САД живеел на повеќе од пет места и никогаш не му било тешко да најде пријатели, да ја научи културата на секој град, па дури и научил шпански јазик во Мајами.
- Мојата приспособливост ми помогна да изградам одлични пријателства, вклучувајќи пријателства со одлични ментори чии совети беа клучни за мојата кариера.
По завршувањето на основното и средното образование во Охрид, тој продолжил со школување на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. По завршувањето на универзитетот решил да продолжи со магистерски студии за компјутерски науки во САД. Аплицирал на неколку универзитети и на крај одлучил да се запишe на Интернационалниот универзитет Флорида во Мајами.
- САД беа една голема среќа и случајност. Пред околу 15 години, заедно со моите родители Силвана и Насте, добив зелена карта за САД, а подоцна и државјанство преку имигрантската лотарија. Со тоа имав можност да размислам за продолжување на моето школување и живот во САД. Мислам дека најтешкиот дел за секој нов имигрант е тоа што треба да се почне од нула. Нови пријатели, фамилијата не е до нас, нова средина, јазикот е друг, поинаква култура. Сето тоа се собира во едно клопче кое сите го одмотуваме - некои пократко, а некои подолго.
Практично искуство
Неговата професионална кариера почнала во 2016 година, кога почнал со магистерските студии во САД. Најпрво работел на универзитетот каде што студирал, Интернационалниот универзитет Флорида, како помошник-инженер на проект за предвидување парична штета во случај на урагани и поплави.
- Потоа, летото 2016 година, заминав во Ричленд, блиску Сиетл, на пракса во PNNL - национална лабораторија која е дел од Одделот за енергија на САД. Во PNNL работев околу една година како веб-девелопер за внатрешни платформи - додека не ги завршив магистерските студии. Откако ги завршив магистерските студии, мојата кариера продолжи во Cupertino - Калифорнија, каде што работев како софтверски инженер за консалтинг-компанија. Во тој период ми недостигаше Мајами, каде што живеев и студирав претходно, па решив да се вратам. За моја среќа, имаше отворени позиции во истиот универзитет каде што студирав: за софтвер-инженер, а и за професор. Аплицирав за двете позиции - ги добив и двете. Работев како инженер 40 часа неделно и како професор уште 20 (предмети: дата-бази и структури на податоци). По една година престанав да работам како професор и решив да стекнам повеќе искуство во програмирањето.
Како ми се случи „Гугл“?
Во 2019 регрутер на „Гугл“ стапил во контакт со него и го прашал дали сака да аплицира за позицијата инженер за апликации (аpplication engineer) во Остин - Тексас. Процесот на интервјуирање траел околу 3 месеци, од септември до декември. Понудата ја добил на крајот од декември 2019.
Иваноски има и свое животно мото.
„И ова ќе помине“. Оваа поговорка доаѓа од Персија, од поетот Атар. Многу ми се допаѓа бидејќи е потсетник дека добрите работи во животот не доаѓаат лесно и дека секој тежок момент е само дел од патот кој треба да се изоди до успехот. Но, поговорката има и друга страна - дека и добрите работи во животот поминуваат и дека треба да се држиме до нашите принципи и во ситуации кога можеме да носиме одлуки базирани на нашата среќа.
Иваноски раскажува и како го гледа светот од аспект на информатичката технологија за 10 години.
- Би го поделил на две категории: како го замислувам за 5 и за 10 години. Во моментов околу 3 милијарди луѓе во светот немаат пристап до технологија и интернет. Тоа се околу 40% од целата светска популација. Според трендовите и податоците, овој број за 5 години ќе се намали на околу 20%, што е барем 2 милијарди нови корисници. Ќе имаме светско проширување на технологии за смарт-домови и IоТ (Intеrnet of Things). Смарт-домовите би требало да се прошират во развиените земји. Освен што користат вештачка интелигенција (АИ) со цел да помогнат за заштедување на енергијата, сите овие продукти се поврзани меѓу себе и можат да се контролираат преку телефон или преку говорни команди. Тоа им овозможува на лицата со посебни потреби да ги користат овие технологии. Зголемување на роботизацијата во фабрики, со што ќе се забрза и поевтини процесот на производство. 5Г-технологијата ќе биде стандард низ целиот свет. Во најразвиените земји 80% од новите автомобили ќе бидат електрични - вели тој.
Во канцелариите на „Гугл“
За 10 години, според Ивановски, технологијата ќе биде голем дел од здравствениот систем. Ќе се развиваат технологии поврзани со автономни автомобили (и други возила), до 2030 г. автономните возила ќе можат да се употребуваат без возач зад воланот.
- Со помош на нови технологии, подобри камери и сензори, унапредување во автономното управување, ќе можеме повеќе да ја истражуваме вселената. Ова е нешто што најмногу ме возбудува. Компании ќе пуштаат сѐ повеќе вселенски возила и сателити во вселената со многу помал ризик. Една интересна тема што е можеби и подалеку од 10 години е квантната калкулација (quantum computing) со која ќе добиеме машини кои можат да се користат наместо денешните бинарни системи. Доколку имаме напредок во таа област, другите области споменати погоре ќе доживеат многу брз напредок и многу поголема примена. Најмногу кај автономните возила, каде што ќе може многу побрзо да се тренираат АИ-моделите што ги управуваат возилата и дроновите.