X
 13.04.2024 Здравје

Совети за полесно да ја пребродите сезоната на пролетни алергии

Со пристигнувањето на пролетта кај многу луѓе се јавува алергија на полен, која може да биде многу непријатна и да го попречи секојдневното функционирање. Најчести симптоми се иритација на очите, носот и грлото. Постојаното течење на носот, кивањето, кашлањето или чешањето на очите може дури и да го нарушат сонот и целосно да ве исцрпат.

Д-р Хелен Вол дава стручни совети за преживување на нападите на алергија.

Обрнете внимание на прозорците

По долга, влажна зима, примамливо е да се отворат прозорците и да се пушти малку свеж воздух при првите знаци на пролетта, но д-р Вол вели дека тоа не е баш добра идеја.

- Разумно е да ги држите прозорците затворени ако се соочувате со алергија на полен. Не заборавајте го ни вашиот автомобил. Кога возите, држете ги прозорците на возилото затворени и поставете го доводот на воздух на опција „циркулирање“, за да користите само внатрешен воздух и да спречите да влезат честички на полен - советува таа.

Внимавајте на хигиената

Воздушните честички на полен можат да се закачат на многу работи, па ако сте биле надвор, внимавајте да не ги донесете дома иритирачките честички од дрва или трева на косата или облеката. Соблечете ги чевлите пред да влезете во куќата, оставете ги капутите, капите и чантите во посебна просторија, каде што не поминувате премногу време.

Редовно четкајте ги вашите миленици

Кога станува збор за спречување на симптомите предизвикани од поленот, не заборавајте ги вашите миленици. Ако вашата мачка или куче талка наоколу во тревата или во лисјата, добро исчеткајте го надвор или нека го направи тоа некој друг за вас, за да ги елиминирате честичките од алергенот од нивното крзно пред да се вратат во вашиот дом. Редовното чистење со правосмукалка исто така може да помогне и секогаш внимавајте да ги миете рацете пред да го допрете лицето, ако сте допреле домашното милениче.

Користете спрејови за нос

Ако расцутените дрвја ви предизвикуваат кивање, чешање на грлото и течење на носот, обидете се да го минимизирате тоа со спреј за нос што се продава без рецепт. Може да биде од голема помош за луѓето што страдаат од сезонски алергии, но мора да се користи правилно за да се постигне максимален ефект.

Направете поленска бариера

Поставувањето физичка бариера помеѓу областите погодени од сезонски алергии, како што се очите и носот, и надразнувачите од дрвјата или тревата може да ги ублажи симптомите.

- Носете маска, очила за сонце и капа со широк обод кога сте на отворено за да спречите алергени на полен да влезат во вашите очи, лице и коса - препорачува д-р Вол.

Извор: klix.ba

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје