Тајландската влада ќе им додели еден милион бесплатни садници канабис на домаќинствата низ земјата во јуни. Иницијативата е во рамките на новата мерка со која се дозволува луѓето да одгледуваат канабис во домот, пренесува Си-ен-ен.
Министерот за здравство на Тајланд, Анутин Чарнвиракул, ја открил новата мерка минатата недела на „Фејсбук“. Таа стапува во сила на 9 јуни, а според неа, луѓето ќе може да одгледуваат канабис во домот, но прво мора да ги известат локалните власти. Освен тоа, растенијата мора да се користат исклучиво за медицински цели и не може да се продаваат без дополнителни лиценци.
Фото: Бангкок/Pixabay
Оваа мерка е дел од планот на Тајланд да го промовира канабисот како земјоделска култура која носи приходи, со оглед на тоа што околу една третина од работоспособното население се занимава со земјоделство.
Тајланд стана првата земја што го легализира канабисот за медицински истражувања и употреба во Југоисточна Азија во 2018 година. Во земјата биле релаксирани и некои локални закони поврзани со канабисот, па така екстракти од ова растение се користат во пијалаци и во козметиката.
Извор:
CNN
Насловна фотографија: Pixabay