X
 13.05.2024 Здравје

Нов третман против опаѓање на косата предизвикано од алопеција

Алопеција е автоимуна болест која предизвикува опаѓање на косата во форма на „печати“ и ги погодува луѓето од сите возрасти, вклучително и децата. За повеќето пациенти не постои ефикасен третман, па тоа ги натерало истражувачите од Технолошкиот институт во Масачусетс, болницата „Бригам и Вуменс“ и Медицинскиот факултет при „Харвард“ да се обидат да најдат нов лек за овој здравствен проблем.

Алопецијата може да се лекува со иновативен лек

Научниот тим формулирал нов третман кој може да го промени опаѓањето на косата предизвикано од оваа автоимуна болест. Истражувачите развиле фластер со микроигла, што може безболно да се нанесе на скалпот и да ослободи лекови кои помагаат да се балансира имунолошкиот одговор на местото на губење на косата, запирајќи го автоимуниот напад.

Во една студија спроведена на глувци истражувачите откриле дека овој третман овозможува косата повторно да расте и драматично го намалува воспалението на местото на лекување, избегнувајќи системски имунолошки ефекти на други места во телото. Научниците истакнуваат дека оваа стратегија би можела да се приспособи и за лекување на други автоимуни кожни болести, како што се витилиго, дерматитис и псоријаза.

- Наместо да го потиснуваме имунолошкиот систем, сега се фокусираме на неговото регулирање токму на местото на средбата со антигенот за да создадеме имунолошка толеранција - смета Натали Арци, главен истражувач од Институтот за медицина при Технолошкиот институт во Масачусетс.

Новиот третман е создаден во соработка на две лаборатории, кои истражувале нови начини за доставување лекови директно до кожата за лекување кожни болести. Со заеднички сили создале фластер со микроигла за доставување лекови до кожата. Во 2021 година научниците објавиле дека таков фластер може да се користи за да се спречи отфрлање по трансплантацијата на кожа. Во новата студија, тие почнале да го применуваат овој пристап за автоимуни кожни заболувања.

Согледан е голем потенцијал во користењето лепенки со микроигли за репрограмирање на имунолошкиот систем локално, велат истражувачите. Фластерите за микроигли што се користат во оваа студија се направени од хијалуронска киселина, поврзана со полиетилен гликол (PEG), кои се биокомпатибилни и вообичаено се користат во медицинските апликации. Со овој начин на испорака лековите можат да поминат низ цврстиот надворешен слој на епидермисот, во кој не можат да навлезат кремовите што се нанесуваат на кожата.

Полимерната формулација им овозможи на истражувачите да создадат високо издржливи игли, способни ефикасно да навлезат во кожата. Дополнително, тие даваат флексибилност да се вгради кој било посакуван лек во нив. За оваа студија истражувачите ги наполниле лепенките со комбинација на цитокините „IL-2“ и „CCL-22“. Заедно, овие имунолошки молекули помагаат да се регрутираат регулаторните Т-клетки, кои се размножуваат и помагаат да се намали воспалението. Овие клетки, исто така, му помагаат на имунолошкиот систем да научи да препознава дека фоликулите на косата не се туѓи тела или антигени, така што ќе престане да ги напаѓа.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје