X
 15.05.2021 Здравје

Одложувањето на втората доза од вакцината против ковид-19 може да ја намали смртноста, но само под одредени услови

Одложувањето на втората доза од вакцината против ковид-19 кај лица помлади од 65 години може да доведе до намалување на смртноста, но само доколку се исполнети одредени услови, покажува истражување.

Додека трае пандемијата, научниците сè уште расправаат дали да го продолжат интервалот помеѓу двете дози или, обратно, да се придржуваат до интервалите утврдени со клиничките истражувања.

Така, „Фајзер“ наведува дека не постојат клинички докази за поддршка на одлуката на Велика Британија да го продолжи интервалот помеѓу двете дози на 12 недели, но податоците од вакцинацијата во Англија покажуваат заштита од смртност од околу 80 отсто од единечна доза и 70 отсто помалку инфекции.

Американско истражување објавено во британското списание „Бритиш медикал журнал“ користело симулациски модел базиран на примерок од „реалниот свет“ од 100.000 возрасни лица за да спроведе серија сценарија што предвидуваат потенцијални инфективни интеракции под различни услови.

Овие сценарија вклучувале различни нивоа на ефикасност на вакцините и стапки на имунизација и различни претпоставки, на пример, дали вакцината спречува инфекција и сериозни симптоми и спречува само сериозни симптоми, вклучително и смрт.

Резултатите посочуваат дека под специфични услови, можно е да се намали кумулативната смртност, инфекција и хоспитализација кога ќе се одложи втората доза, велат истражувачите во истражување предводено од Томас Ц. Кингсли од клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота.

vakcina
Фото: Freepik

Специфичните услови вклучуваат една доза на вакцина да има ефикасност од најмалку 80 отсто и дневната стапка на имунизација да се движи помеѓу 0,1 отсто и 0,3 отсто од популацијата, и ако се исполнети овие услови, одложувањето на втората доза може да спречи помеѓу 26 и 47 смртни случаи на 100.000 жители во споредба со вообичаениот календар.

Истражувањето не сугерира никаков оптимален календар на вакцинација.

Научниците препорачуваат луѓето што донесуваат одлуки за вакцинација да ги измерат придобивките од одложувањето на втората доза.

Одвоено истражување спроведено од Оксфордскиот универзитет се фокусирало на несаканите ефекти предизвикани од употребата на две дози од различни производители, а тоа се вообичаени симптоми како што се болка во раката, температура и замор.

Истражувањето открива дека луѓето што примиле прва доза од вакцината „Фајзер“ и втора доза од „Астра зенека“ имале поголема веројатност да имаат благи или умерени симптоми, како што се главоболка и температура, отколку кога би ги примиле двете дози од ист производител.

„Фајзер“ и „Астра зенека“ беа првите вакцини достапни во Велика Британија и тие биле тестирани во комбинација за студија на случај предводена од Оксфордскиот универзитет. Подоцна биле вклучени вакцините „Новавакс“ и „Модерна“.

Извор: Reuters.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје