X
 26.12.2022 Наша тема

„Имав можност да заминам во странство, но останав тука за да ѝ возвратам на татковината“, вели Сибела Мамудоска, најдобар студент на Битолскиот универзитет

Економскиот факултет во Прилеп го заврши со просек 10 и веднаш по студирањето најде работа каде што теоретските знаења ги примени во практика.

Ништо помалку од десет, ваков е успехот што прилепчанката Сибела Мамудоска го постигна во изминатите четири години на Економскиот факултет во Прилеп. Таа деновиве беше прогласена за најдобра меѓу најдобрите десет дипломирани студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Навраќајќи се на студирањето, вели дека не било лесно да се постигне високиот успех и поминала многу непроспани ноќи, но трудот ѝ се исплатил зашто веднаш по дипломирањето најде добра работа.

Од студентскиот амфитеатар право на работа

- Не беше тешко да се најде работа. Претходно бев практикант две години во банка во Битола и го препознаа мојот квалитет, што резултира со вработување веднаш по моето дипломирање. Имав и други понуди, можев да избирам. Но, ја одбрав битолската филијала на банката. Сега живеам во Битола. Во ниту еден момент не жалам што го избрав Универзитетот во Битола. Мојот правилен избор на студии резултира со вработување во банка веднаш по дипломирањето, што беше можност сите мои стекнати теоретски знаења на Економскиот факултет да ги применам во практика - рече Мамудоска.



Вклучена во проекти за правата на жените Ромки

Како и сите млади луѓе, и таа ги разгледувала можностите да ја гради кариерата во странство, но тука ја задржало нешто многу поголемо.

- Размислував да заминам надвор, имаше можности за тоа. Но, останав тука, тука ми е сѐ познато, тука се надградував, па сакав да ѝ вратам на татковината за можностите што ми беа дадени - вели најдобрата студентка за академската 2021/2022 година на Универзитетот во Битола.

Таа веќе го дава својот придонес зашто покрај работата, вклучена е и во проекти на невладините организации кои се борат за поголеми права на жените Ромки, особено за еднаков третман при вработувањето. Досега добила и други награди, меѓу кои и онаа од здружението на граѓани „Ромаверзитас“ за студент со највисок просек, како и други успеси и признанија за време на студирањето.

Нејзината приказна е мотив студентите да го дадат најдоброто од себе

- Не можам да издвојам некој посебен момент од моето студирање зашто факултетот и студирањето се нешта што ќе се паметат, а тоа се моменти што не можат да се избројат. Што и да кажам за изминатите четири години, ќе биде премалку. Ако кажам само дека беше тешко, тоа е прелесно да се изговори, но само јас знам низ што поминав. Тука сум за да споделам една успешна приказна, приказна што како жар и елан ќе дава мотивација за сите да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе - рече Мамудоска.

За себе вели дека отсекогаш сакала да студира економија, ја влечела администрацијата, работата со документација, комуникацијата со клиенти, па вработувањето во банка било остварување на нејзиниот сон. Клиентите веќе ја препознаваат и коментираат дека таа е една од најљубезните вработени во банката, секогаш услужлива.



Следна цел ѝ да се запише на постдипломски студии

Ја запрашавме кое е нејзиното мото, а таа се повика на големиот турски државник Мустафа Ќемал Ататурк, кој за време на Османлиската Империја учеше во Битола. „Сигурноста на иднината се заснова на солидно образование, а образованието на професорите“, вели Сибела цитирајќи го државникот. Својот беспрекорен успех во студирањето смета дека не се должи само на нејзиниот труд, туку и на посветеноста на професорите на факултетот и поддршката од родителите.

- Ни едно достигнување на може да биде толку големо за да не се надмине со уште едно достигнување - додава Мамудоска и открива дека следна цел ѝ да се запише на постдипломски студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема