X
 13.07.2017 Здравје

Како да добиете убав темен тен без да се сончате

Научниците најверојатно пронајдоа метод како да се постигне убав потемнет тен на здрав начин, без сончање. Во настојувањето да развијат мерки за превенција од кожните карциноми, како меланомот, научниците од Институтот „Ден Фарбер“ од  Бостон во соработка со други здравствени институции развиле наменски крем кој ги стимулира клетките да го произведуваат пигментот меланин.

Меланинот ги штити клетките од кожата апсорбирајќи ги штетните ултравиолетови зраци, а карциномот на кожата обично се јавува како последица од претерано изложување на ваквите зраци. Научниците велат дека се потребни дополнителни истражувања и клинички тестирања, но веруваат дека овој крем би можел да биде сигурна заштита од УВ-зраци и сериозно да го намали ризикот за појава на карцином на кожата.

Последните децении се зголемува бројот на заболени од карцином на кожата, а кај луѓето што природно имаат потемен тен ризикот е многу помал. Научниците направиле обид да развијат метода која би им помагала на луѓето со посветол тен да постигнат потемна боја на кожата без користење на УВ-зрачење. Овој нов крем содржи мали молекули кои стимулираат синтеза на еумеланин, кој е одговорен за темните пигменти.

Студијата од 2006 година прва успеа со наменски лекови да постигне потемнување на кожата кај глувци со црвеникави влакна, но се јавиле тешкотии при продирањето на лекот низ дебелите слоеви на човечката кожа. Една деценија подоцна, новата генерација на лекови е оптимизирана за потемнување на човечката кожа. Како и при природното потемнување, бојата со текот на времето избледнува, што значи дека третманот треба да се повторува.

Третманот поттикнува производство на меланин и здраво созревање на меланозомите, клетките што го процесираат и го задржуваат меланинот. Следниот чекор е да се тестира дали комбинацијата на овој лек со средства за заштита од сонце може подобро да ги заштити луѓето со светла боја на кожата од појава на карцином, како и луѓето што се чувствителни на сончевото зрачење.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје