X
 22.03.2021 Здравје

Докторите наскоро ќе препишуваат уметност и пеење како лек

Британските доктори наскоро би можеле да препишуваат часови по сликање, музика, танцување и пеење како лек.

Британскиот секретар за здравје, Мет Хенкок, претставил амбициозна иницијатива што наскоро би требало да им овозможи на лекарите да препишуваат терапевтска уметност или терапија заснована на хоби како лек за повеќе заболувања: деменција, психоза и различни заболувања на белите дробови и ментални болести. Оваа необична стратегија британската влада ја опишува како „социјално препишување“.

- Веќе долго време негуваме култура која се заснова на таблети и антидепресиви, а впрочем би требало повеќе да се занимаваме со превенција - изјавил Хенкок, додавајќи дека новата иницијатива може да го намали консумирањето лекови од страна на жителите.

Предлогот вклучува отворање академија за социјално препишување на која лекарите ќе може да ги испраќаат своите пациенти. Во академијата би се нуделе разни хобија, спортови и уметности.

Медицинските предности на активностите поврзани со уметноста веќе биле покажани преку истражувања. Во Обединетото Кралство, на пациенти што преживеале мозочен удар им се советува свирење на музички инструменти, а тоа може да го прават во рамките на специјална програма со филхармонијата. Дури 90% од пациентите што диригирале или изведувале музички дела во рамките на оваа програма изјавиле дека им се подобриле и менталното и физичко здравје.


Фото: Pixabay

Се покажало дека часовите по танцување ја подобруваат концентрацијата, како и комуникациските вештини, а болници во државата ги испраќаат пациентите со проблеми со белите дробови на часови по пеење.

Во слична кампања во Канада, членови на медицинска асоцијација од Монтреал може да издаваат рецепти на пациенти за бесплатно посетување музеј за ликовна уметност. Иницијативата се заснова на истражување кое покажало дека посетувањето музеи го подигнува нивото на сератонин и брзо го подобрува расположението.

За споредба, во британската иницијатива се предлагаат и хобија како часови по готвење, играње бинго или градинарство, како и културни активности, на пример, концерти.

Социјалното препишување рецепти е замислено како дополнување, а не како заменување на традиционалните форми на лекување, објаснува Сали Купер од британската асоцијација за Алцхајмерова болест. Според неа, клучно е владата да го финансира овој предлог бидејќи посиромашните жители не може да си дозволат многу културни активности.

Автор: Мејлан Соли
Извор: lolamagazin.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје