Првата од неколкуте мисии на НАСА за симулација на живот на Марс заврши неодамна во Хјустон, Тексас, откако четворица волонтери го напуштија живеалиштето на НАСА по повеќе од една година.
Две жени и двајца мажи поминаа 378 дена во „Марс дун алфа“, изолирана структура од 160 квадрати во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустан, која ги имитира условите на Црвената Планета.
Оваа мисија беше прва во серијалот „Кру хелт енд пирформанс експлорејшн аналог“ чија цел е да ѝ помогне на НАСА да се подготви за уште еден лет до Месечината, за еден ден да се подготви и за патување до Марс.
Директорката за инженерство на НАСА, Џули Крамер, рече дека проектот дава можност да се научи сето она што е важно за овие сложени системи што ќе го направи одењето на Марс и назад многу побезбедно.
„Марс дун алфа“ е создаден со помош на 3Д-печатач. При напуштањето на живеалиштето во саботата, по повеќе од една година, четворицата волонтери на кои не им беше дозволено да го напуштат објектот без прозорци беа преместени.
- Учеството во симулирана мисија на Марс беше неверојатно. Навистина се надевам дека ова ќе ни помогне конечно да стапнеме на Марс - изјави Рос Броквел, член на екипажот.
Од Месечината до Марс
Целта на програмата „Артемида“ на НАСА, именувана по грчката божица на Месечината, е да испрати луѓе на Месечината во текот на 30-тите години, вклучувајќи ги и првата обоена личност и првата жена.
Долгорочната цел на „Артемида“ е да воспостави постојана лунарна база како основа за мисиите на Марс.
За првата од своите мисии што стимулираат престој на Марс, НАСА не избра обучени астронаути. Сите здрави и мотивирани граѓани на САД или постојани жители на возраст меѓу 30 и 55 години со диплома по инженерство или наука и две години работно искуство (или најмалку 1.000 часа пилотирање со авион) имаа право да аплицираат.
Фото: Josh Valcarcel / NASA / CHAPEA
Беа избрани градежниот инженер Броквел од Вирџинија, биологот Кели Хастон од Сан Франциско, докторот Нејтан Џонс од Илионис и микробиологот Анка Селариу.
Живеалиштето каде што поминаа една година има приватни простории за спиење од околу 6 квадратни метри, заедничка дневна соба опремена со ТВ и фотелји, работни станици и медицинска станица.
За време на престојот, на волонтерите им било дозволено да останат во контакт со семејството и пријателите, но комуникацијата била воспоставена според „марсовско време“, што значи дека на обична порака ѝ биле потребни 22 минути за да стигне до Земјата.
Според НАСА, екипажот изврши „повеќе симулации на прошетки на Марс, одгледуваше и собираше неколку култури на зелена салата за периодично да ја надополнува храната на полиците и учествуваше во одржувањето на живеалиштата и опремата.
За да се направат услови што е можно послични на оние на Марс, тие исто така се соочија со стресни фактори на животната средина, како што се ограничувања на ресурсите, изолација и дефект на опремата.
НАСА спроведе сличен експеримент, наречен „Хај сис“, на Хаваи. Пред 15 години Европската вселенска агенција, Русија и Кина исто така спроведоа проект за подготовка за неодредена идна мисија на Марс наречена „Марс 500“.
Фото: NASA