X
 14.01.2019 Живот

Зошто треба да научите да практикувате спаринг?

Животот ќе те погоди многу тешко.

Во непрекинатото трчање низ годините ќе добиеш удар што во моментот не ќе можеш да го сфатиш. Некои од овие директни удари во главата нема да бидат по твоја вина. Застој во кариерата. Здравствени проблеми. Недостиг на пари. Губење на љубовта. Патење и тага по оние што ги сакаш. Но, некои од овие удари ќе си ги зададеш самиот.

Ако донесеш лоша одлука - се венчаш со погрешна личност, се дрогираш по 25-тата година, продолжуваш да пушиш, се откажуваш од кариерата, им ги кршиш срцата на млади девојки - тогаш судбината ќе ти се одмазди. А во некој момент сите донесуваме лоши одлуки.

Сетете се на Пит Кембел од серијата „Мед мен“. Погледнете како бракот на Пит спектакуларно се распадна. Пит направи само еден или два лоши избора, а тоа го чинеше семејството, среќата и менталното здравје.

Пит и неговата сопруга на вечера покануваат неколку други парови. Се пие многу алкохол, паѓа и некој лесен флерт. Пит ѝ нуди на една од помладите гостинки да ѝ набави карти за новиот мјузикл „Коса“ и кога таа оди во неговата канцеларија, тие извршуваат неверство - во следната сцена Пит е со скршен нос, а сопругот на неговата љубовница е оставен пред неговите врати по бањарка, велејќи му на Пит: - Сега таа е твој проблем, Кембел!

Обиди се тоа да ѝ го објасниш на твојата сопруга. Како трошка за тоа како може да се нанесе огромен удар на сопствената среќа. Но дури и ако донесеме правилни одлуки, сепак, би можеле да доживееме ненадејни удари.

Дури и кога не направиш ништо лошо. Дури и ако работиш напорно. Дури и ако ги исполнуваш ветувањата дадени на жената. Сепак ќе те удри. Бидејќи сите нѐ удира. Можеби ќе се случи утре. Можеби во период од десет години. А најверојатно ќе биде и утре и за десет години.

Што можеш да направиш? Можеш, за разлика од Пит Кембел, да ја сфатиш рамнотежата на ризикот и наградата. Можеш да ја избегнеш таа деструктивна афера. Можеш да работиш како луд секој викенд, додека твојата генерација седи на кауч, јаде пица и гледа „Скај спортс“.

Но, и понатаму судбината ќе пронајде начин да те фати. Животот ќе ја предизвика. Ќе изгубиш љубов. Ќе останеш без пари. Твојата кариера во некој момент ќе тргне како што не треба и ќе сфатиш дека си заробен во погрешна канцеларија. Веројатно ќе ти се случи секоја од овие работи во одреден момент во наредните триесет години.

Што можеш да направиш за да се подготвиш?

Можеш да научиш како да примаш удари.

Спарингот од тебе ќе направи експерт во истрајност.

Спаринг - кога ставаш ракавици и разменуваш удари со сите сили со други мажи - тоа ќе те научи како да се зацврстиш во тешки времиња. Спарингот ќе те направи посилен - ментално, многу повеќе од физички. Спарингот ќе те исцрпи многу повеќе отколку што некогаш си бил исцрпен во животот, а твојата непријатност ќе се влоши со фактот дека во моментот кога си целосно исцрпен, некој ќе те удри во главата најсилно што може. Но, ако можеш да го истрпиш спарингот, тоа ќе те награди многу повеќе отколку што можеш да замислиш. Ќе научиш да ги понесуваш болката и стравот. Ќе научиш како да примиш куршум. Ќе сфатиш дека во тебе постои вистинска храброст.

Одиш во вежбалница и ја облекуваш опремата. Ставаш вазелин на лицето за да не добиеш модринки. Меѓу забите ставаш гума, на главата штитник и ракавици на рацете - 400 грама или повеќе. И тогаш се слуша ѕвончето и почнуваш да се бориш.

Всушност, тоа не е борба - тоа е спаринг. А спарингот се разликува од тепачката по тоа што го правиш без никаков бес во своето срце. Ако спарингуваш со инает, злоба или бес, тогаш си ја утнал поентата. Спарингот е целосен контакт - твојот противник се обидува да те собори и ти се обидуваш да го направиш истото - но веројатно станува збор за близок пријател. Кога сето тоа ќе заврши, се прегрнувате со чувство на приврзаност. Зборувам за бокс, но истото е за секој борачки спорт. Не спарингуваш бидејќи го мразиш другиот. Не би ни можел да го правиш со некој што го мразиш.

Спарингувам три рунди по три минути, еднаш неделно. Дури и по десет години, колку што го правам тоа, не звучи претерано многу. А и не е. Тоа е помалку од десет минути неделно. Но, времето различно тече кога спарингуваш. Се чини дека триминутната рунда може да трае илјада години. Една минута може да биде вечност кога не ги чувствуваш нозете и си добил лево кроше под ребрата. Дури и дел од секундата може да трае цел живот ако немаш повеќе ништо во резервоарот и си тепан.

Исплашен? Секако дека си исплашен. Човекот пред тебе ќе те удри во главата најсилно што може. Треба да бидеш исплашен. Но, учиш да се справуваш со овој страв. Спарингот ќе направи да се чувствуваш многу помалку исплашен оној ден кога некој дебел идиот ќе ти врачи отказ.

- Насилството не е моја работа - пишува Роберт Твигер во „Бесни бели пижами“, мемоари за периодот во Јапонија додека учел аикидо.

- Не бев фит, не знаев ништо да правам, бев интелектуалец, книжен молец, поет, чувствителен - пишува тој.

Твигер беше многу модерен маж, целосно одделен од физичкиот свет - и такви се сите мажи што имаат најмногу корист од спарингот. Бидејќи тој е за оние посебно нежни души - за обичните момци, за чувствителните типови, за луѓето што деновите ги поминуваат гледајќи во екранот - ним им е потребен спаринг, тие имаат најголема корист од него.

Твигер се посвети на борачките вештини откако во Јапонија видел како камионџија брутално го понижува сметководителот. Почнал да се поти размислувајќи за тоа како би реагирал во некоја физички опасна ситуација. Но, на крајот на краиштата, не треба да се плашиме од посилен маж, туку од слабоста во себе. Спарингот те тера да заборавиш дека откажувањето воопшто е опција.

Последен пат кога го видов Роберт Твигер, работеше на серија колут напред што ја научил додека го изучувал аикидото, а она што беше особено неверојатно е што во тој момент седевме во галеријата на ресторанот „Гручо“.

Неговата техника беше толку совршена, што од масата не падна ни лажичка. Но, она што навистина го совлада беше нешто што Јапонците го нарекуваат конџо - неоткажување и непроценливи лекции за стоицизмот, упорноста и отпорноста. Она што навистина го научи беше како да биде подобар човек.

Знам луѓе што боксувале во своите приватни училишта и го мразеле тоа. Бидејќи ги затворале во рингот и им велеле да се удираат едни со други. Тоа не е спаринг. Тоа е само тепачка.

Ако имаш вистински учител, тој ќе те учи неколку месеци пред да дозволи да зададеш или да примиш удар. Спарингот без никакви лекции е како да возиш без автошкола. Само поопасно. Прво мораш да совладаш дисциплина, па потоа се обидуваш да се бориш.

Гледачите често ги шокира интензитетот на спарингот. Но, тој непишан етички кодекс може да го сфати само оној што го практикувал. Ако го правиш тоа со бес во срцето, речиси е гарантирано дека ќе бидеш повреден, бидејќи ќе налеташ на нешто.

Како што годините поминуваат, потребно е еднакво време да научиш спаринг како да научиш нов јазик или да свириш на музички инструмент - ќе научиш да ескивираш, да блокираш, да бегаш. Ќе научиш како да задаваш удар, но и како да го поднесеш. Ќе научиш да ги собереш лактите. Но, не учиш само за бокс или  кој било друг борачки спорт. Учиш за себе.

Кога вежбаш спаринг, невозможно е да мислиш на нешто друго освен на спарингот. Ако вежбаш на лента за трчање, умот ќе ти замине кон грижите на работа. Ако почнеш да креваш тегови, ќе се запрашаш како  ти изгледа косата на огледало.

Но, кога вежбаш спаринг, животот не се меша. Тоа е иронично бидејќи ништо не те подготвува за животот како спарингот. Успехот во животот е често прашање на волјата.

Потиснувањето на болката кога ќе сфатиш дека си на работното место што го мразиш, кога ја гледаш жената на твојот живот како те напушта, погледот на мајката или таткото на одделението за рак, животот што е различен од животот што си го планирал - соочување со сето тоа од тебе ќе бара да станеш кога ќе те соборат.

Спарингот ќе ти покаже како.

Во книгата „Спаринг“, Боб Брин заклучува: - Спарингот не е лесен, но во текот на учењето ќе научиш доста за себе. Во тој процес ќе изградиш самодисциплина, храброст и одлучност и изненадувачки, љубов и почит кон противниците и партнерите на тренинг.

Човекот што знае како е да се биде физички повреден е многу подобро подготвен за безброј удари што животот ќе му ги испорача. Спарингот нема да те претвори во опасен човек. Спарингот нема да ти даде докторат за насилство. Но, ќе те подготви за сето што доаѓа пред тебе. Спарингот не е магичен лек за сѐ. Тоа што некој човек ќе те удира еднаш недело право в лице нема да го излекува твоето болно дете. Тоа што некој ќе те тепа нема да ти стави пари во твоите џебови. Спарингот нема да ти ја најде работата баш во моментот кога ќе останеш без работно место за кое си сонувал. Ако направиш лош избор - тогаш животот ќе те удри толку силно што ќе се распаднеш.

Но, спарингот ќе ти помогне со сето тоа. Ти дава огромна награда, за толку малку време што му посветуваш. Спарингот е фантастична инвестиција. Ако можеш да му посветиш девет минути од твојата недела - и тоа да го правиш од месец на месец, од година на година, тогаш ќе ти овозможи нешто непроценливо.

Ќе ти покаже дека си направен од многу поцврст материјал отколку што мислиш. Ќе те научи да продолжиш, без оглед на сѐ - бидејќи тоа е нешто што човек мора да го направи. Те учи како да земеш уште еден здив.

Спарингот е трансформативен. Тој од тебе ќе направи различен човек. Животот некогаш ќе те турне, но ти ќе умееш повторно да застанеш на нозе.

Лично, не сум сигурен дека би имал ваква кариера денес да не беше спарингот. Веројатно би се предал. Веројатно би се откажал по поразот. Нема ни во тоа срам. Па добро, нема многу срам. Но, спарингот ме научи како да не се откажувам кога животот ме нокаутира. Ме научи како да останам во борба.

А тоа е нешто што секој човек треба да го научи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот