Актерот, писател и професор Раде Шербеџија вели дека агресивноста, претераниот национализам и сите видови шовинизам отсекогаш го вознемирувале. „Помислуваш дека работите се менуваат, а потоа некој те удира како со чекан од мракот“, истакнува Шербеџија.
Книгата „По дождот“ е продолжение на неговото дело „До последен здив“ и претставува збирка на автобиографски записи за врски и соработките со филмските ѕвезди во Холивуд, за пријателите, повторното враќање во Хрватска и предизвиците со кои се соочува еден уметник.
Зборувајќи во интервју и споменувајќи ја својата педагошка работа, истакнува дека системот на образование на идните актери треба да се промени, а на младите колеги им препорачува да побегнат. Додава дека идните актери би требало да студираат многу други работи – книжевност, психологија и што било што ќе ги направи побогати, поподготвени за да бидат интересни како личности пред камерата и луѓето.
Шербеџија често бил на удар на критичарите, а неретко од него се бараа и политички одговори. Тој вели дека и денес го вознемирува политиката. Смета дека задачата на уметникот отсекогаш била да ги коментира животот и реалноста. „Опасно е и незаслужено кога ќе ти го препишат епитетот на предавник на народот, но секој уметник треба во себе да ја има таа жица за коментирање на времето и критики на своите сопствени мецени“, додава Шербеџија. Што се однесува до сегашните обвинувања за сексуално вознемирување што кружат во Холивуд, тој вели дека е страшно и дека ја поддржува иницијативата за заштита на девојките во Холивуд.
„Холивуд е немилосрден затоа што секој што таму ќе одлучи да се занимава со глума го сонува својот говор на доделувањето на „Оскарите“. Го сонува речиси секоја вечер и тоа е таа проклета вистина во Америка. Па доколку не се успее во тоа, тоа е катастрофа и е всушност постојана војна“. Шербеџија зборува и за својот престој во САД, идентитетот и неговата борба за успех.
Некои од неговите филмови не стигнале до балканската публика, па Шербеџија вели дека жали поради тоа. Интервјуто со актерот може да го гледате во продолжение: