Иако вашиот сон може да биде остатокот од животот да го поминете разладувајќи се на плажа со освежителен пијалак в рака, професионално гледано, сигурно постои еден пат во кариерата што го буди вашиот интерес повеќе од другите.
Интернет-сервисот „Ремитли“ неодамна направи истражување и се обиде да открие кон што најмногу се стремеа луѓето од земјите низ светот кога станува збор за нивните можности за работа. За да дојде до резултатите, „Ремитли“ ги разгледа глобалните податоци за пребарување за секоја земја и конкретно ги зеде предвид пребарувањата како „Како да се стане“ проследено со одредена професија.
Апсолутниот победник на врвот на листата е пилот. Со речиси еден милион пребарувања годишно „како да се биде пилот“ низ целиот свет (и неговите преводи на други јазици), оваа кариера е најбарана во светот.
Не е тешко да се разбере и зошто: одличната плата, постојаното патување, откривањето нови места и придобивките сигурно прават оваа работа да биде сон на многумина.
Кликнете на фотографијата за поголема резолуција/Фото: Remitly
Втора на листата е професијата писател, а тука се вклучени и професии како сценарист, новинар, како и креирање текстови што подоцна се користат за маркетинг-цели. Ова е најпопуларно пребарување за 75 земји низ светот. Жителите на Нов Зеланд, Јужна Африка и Шведска се меѓу оние што најмногу ја посакуваат оваа професија.
Бронзениот медал, изненадувачки, оди во рацете на професионалните танчари. Иако работата е тешка и вклучува голема пожртвуваност, податоците покажуваат дека многу луѓе сонуваат да станат танчари. Поточно, 278.720 пребарувања на годишно ниво биле токму за оваа професија.
За подобро да ги прикаже наодите од истражувањето, „Ремитли“ состави светска мапа, обезбедувајќи поглед кон најпосакуваните професии во секоја земја. Така, на пример, Кинезите сакаат да бидат нутриционисти, Египќаните сонуваат да бидат фудбалски тренери, Порториканците се надеваат дека ќе бидат адвокати, додека Македонците сакаат да бидат програмери.
Извор:
Thrillist.com
Фото: Freepik