X
 14.03.2022 Колумни

Училиште на 21 век – како од декларативна заложба за подобро образование до реален воспитно-образовен амбиент кој подготвува за живот?

Секако, да не го заборавиме фактот дека училиштето на 21 век е можно само ако постојат наставници на 21 век, како и родители кои сфаќаат дека нивните деца се децата на времето кое се вика Утре. Сѐ додека не се сфати дека училиштето постои заради децата, а не обратно, и дека учењето во модерно опкружување, во чекор со времето и промените денес е императив, ќе имаме армија деца за кои училиштето е морање

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Реалните состојби во училиштата денес сѐ повеќе добиваат статус на сигнал за аларм, кој треба да разбуди и да го поттикне оној толку потребен, сериозен пристап кој конечно веќе еднаш треба да излезе од рамката на мачната слика на систем кој предолго не научува, не воспитува и за децата одамна не е предизвик. Полека, но сигурно, ниту за наставниците.
По очигледното непостигнување на ефектите кои секој здрав систем кој образова, учи и воспитува треба да ги даде, а со кое секојдневно се соочуваме како со реална слика на неуспех, станува јасно дека сето она што досега се реализира како образовна мерка, реформски зафат или како и да сакаме да го наречеме секој обид за замената на летот в место со вивнување какво што децата заслужуваат, не дава резултат. Колку време успешно замижуваме пред состојбите, а притоа губиме од вид дека станува предоцна? Зошто е полесно да тагуваме за успешните системи чии придобивки ги гледаме, ги раскажуваме, ги споделуваме како текстови кои просто фрапираат со својата ефикасност, наместо да се потрудиме самите да создадеме систем кој ќе профилира умен млад свет, кој не отседел во клупите, туку израснал од нив подготвен на светот да му го даде она во што успеал да се трансформира низ процесот на учење? Зошто секој обид за поместување од мртвата точка наидува на отпор од сите чинители кои треба на плеќите да го носат системот – почнувајќи од родителите, завршувајќи со наставниците, а некаде помеѓу нив, децата, збунети и неподготвени за промена?

Секако, не е едноставно да се рехабилитира еден сериозно заболен систем, за кој трите децении на самостојно уредување на сите сфери во општеството, сепак, не значеа сериозен зафат, кој за резултат ќе има стабилен, автохтоно изграден систем. Многуте импровизации, многуте автоматски преземања на туѓите искуства, без процена на можноста за нивно заживување на домашен терен, многуте мешања на образовните политики со политиката во образование, како што секогаш нагласувам и уште многу од „многуте“ низ годините, едноставно го изместија фокусот од потребата да се мисли на децата и последиците врз нив. Многу декларативни заложби, многу безидејност, многу минирање и на навистина добрите идеи, многу мешање на компетенциите на активните чинители во овој процес и ете – резултатот е денешната воспитно-образовна стварност. Не е едноставно, да. Но не е невозможно. Само е потребна силна професионалност во пристапот и многу решеност сите чинители од кои нештата зависат да се вклучат, пред сѐ, во санирање на последиците од погрешностите, а потоа во имплементирање на зафати кои ќе значат само едно: умна иднина на децата.
Ваквиот пристап конечно би можел да го обезбеди она што толку ни недостига: креирање училиште за 21 век. Она што нема само да го посакуваме, туку она што ќе го направиме.

Што подразбира ваквото училиште?

Ако во раните 20-ти години од минатиот век за писмен се сметал оној што умеел да пишува, чита и пресметува, денес императивот мора да биде над овој базичен аспект. Просто е трауматизирачки фактот дека и денес, во 21 век, овој фундамент е во сила и опстојува како образовен репер. Она што е сигурно, форматот на училиштето денес мора да излезе од клишето на базични знаења, многу незнаење, многу голема непотребност од знаење, конечно. Училиштето е со статус „некорисно, застарено, здодевно, оптоварувачко, немотивирачко, нуди неапликативни знаења, пренагласува оценки и не поттикнува креативност“ и со самото тоа, бара навистина сериозен пристап.

„Новото“ училиште значи прифаќање на фактот дека децата живеат во свет кој се менува побргу отколку што тие раснат и дека за да бидат способни да придонесат и за себе и за светот во такви околности, мора да поседуваат соодветни вештини. Станува збор за низа животни вештини и вештини потребни за кариерата, користење иновативно учење кое во основа е доживотно. Ова, пак, подразбира охрабрување на соработката и тимскиот дух, знаење применливо надвор од училницата, поттикнување критичко однесување кон она што се учи наспроти „голтање кое не останува долго“, како и нагласување на длабочината наместо на широчината на знаењето. Ваквиот пристап подразбира негување на културата на иновација и креативност, со што децата се вклучуваат со длабоко и комплексно размислување и примена на нестандардни стратегии на учење – конечно, иновацијата не е само гориво за бизнисот, туку и за образованието. Исто така, она што е многу важно во креирањето на училиштето на 21 век е и работата со „емотивните врски“ на учениците, во смисла на обезбедување на нивното чувство на сигурност, безбедност, прифатеност на разликите и ценење. Децата што ќе научат да соработуваат, прифаќаат и емоционално да се вмрежуваат, утре ќе бидат и добри луѓе и добри работници.

„Новата“ училница значи писменост на дигиталната доба, затоа што веќе не е важно колку информации детето ќе собере, туку што ќе може да направи со нив – да анализира, да интегрира, да вреднува, да толкува, да искористи за понатамошна анализа. Комуникацијата во ваквата училница, исто така, е многу важен аспект, затоа што можностите за изразување и креирање содржини кои ќе се разменуваат, мора да го следат развојот на средствата и каналите кои се користат при комуникацијата. Она што на некој начин се издвојува како неоспорна придобивка на „новата“ училница е секако знакот на равенство меѓу инвентивното размислување и интелектуалниот капитал, што значи дека не само што е подразбирливо дека детето поседува креативност и критичко размислување, туку умее и да ги процени околностите во кои неговата идеја се родила и околностите во кои може да се оствари. Што е поважно за детето ако не способноста да „види“ и над она што се гледа?

Многу може да се зборува за современите пристапи, за моделите на учење кои се надвор од предолго користеното клише кое не дава резултат, за потребата од промени. Многу може да се зборува, да. Малку може да се стори ако не се надминат стегите на стравот од промени и нивното неприфаќање. Секако, да не го заборавиме фактот дека училиштето на 21 век е можно само ако постојат наставници на 21 век, како и родители кои сфаќаат дека нивните деца се децата на времето кое се вика Утре. Сѐ додека не се сфати дека училиштето постои заради децата, а не обратно, и дека учењето во модерно опкружување, во чекор со времето и промените денес е императив, ќе имаме армија деца за кои училиштето е морање. Ќе имаме деца без енергија, желба и мотив да бидат со нас онака како што училишната клима, ако е здрава, креативна и охрабрувачка подразбира. Ќе имаме деца кои наместо да сакаат да покажат како го разбрале тоа што го учеле, а не колку научиле, кога ќе бидат повикани да „одговараат” ќе прашаат: „Професоре, колку треба да кажам за 2?“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни