X
 14.03.2023 Образование

Српските факултети стануваат поскапи од италијанските

Сегашните и идните студенти во Србија се шокираа од најавите за зголемување на цената за студирање на повеќе факултети од наредната учебна година. Најголем удар врз џебот ќе почувствуваат студентите на Архитектонскиот факултет во Белград бидејќи факултетот одлучил да ја зголеми школарината за 60.000 динари, на 300.000 динари (157.000 денари или околу 2.500 евра).

Локалните медиуми пишуваат за средношколци кои се одлучиле да не студираат во Србија поради зголемувањето на трошоците. Марко Јањиќ од Смедеревска Паланка е матурант кој планирал да се запише на студии на Архитектонскиот факултет во Белград, но се премислил во последен момент. Сега планира да студира на Универзитетот во Павија, Италија, каде што школарината изнесува од 1.000 до 1.500 евра за една година.

- Студирањето трае пет години, универзитетот е меѓу најдобрите 10 италијански универзитети според светските ранг-листи и нуди над 3.000 стипендии за студенти, па се надевам дека и јас ќе добијам. Искрено, не размислував за студирање во странство, но можноста се појави кога управата на Архитектонскиот факултет енормно ја покачи цената на школарината. Вујко ми живее и работи во Италија веќе 30 години. Кога моите родители му кажаа што планирам да студирам, тој ми предложи да дојдам кај него и да одам таму на факултет. Реков благодарам, но не. Меѓутоа, кога најавија зголемување на школарината, не само на Архитектонски, туку и на другите факултети низ Србија, реков: „Одам кај вујко ми“ - изјавил тој.

Во моментов тој се подготвува за студиите и планира да оди во Италија на пократок престој за да се подготви подетално за студиите.

- Ги покачувате цените на студирањето во Србија, само продолжете и нема да имате повеќе студенти овде - изјавил овој средношколец.

Досега 27 факултети во Србија најавиле зголемување на школарината за наредната академска година. Вкупно 14 од нив се на Универзитетот во Белград, 5 на Новосадскиот универзитет, 2 на Универзитетот во Ниш, а 6 на Универзитетот во Крагуевац.

По Архитектонскиот факултет, на кој поскапувањето е најголемо, за 50 отсто ќе биде зголемена школарината на Машинскиот факултет, каде што студирањето ќе чини 108.000 динари за година.

Извор: Studomat
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование