X
 13.05.2022 Наука

Научници успеале да одгледаат растенија на почва донесена од Месечината

Научници успеале да одгледаат растенија на почва од Месечината користејќи примероци собрани за време на мисијата „Аполо“. Ова е првпат растенијата да никнат и да се одгледуваат на почва од друго небесно тело.

Истражувањето би можело да ја постави основата за одгледување растенија кои обезбедуваат кислород и храна на Месечината, што е навреме со оглед на тоа што програмата на НАСА „Артемида“ сака да ги однесе првата жена и првата обоена личност на лунарниот јужен пол во текот на оваа деценија.

Но, експериментите откриваат и колку е стресно за растенијата да растат во лунарен реголит или почва која е доста различна од природните живеалишта на Земјата.

Различни видови растенија, вклучително и прехранбени култури, биле дел од вселенскиот шатл и на Меѓународната вселенска станица. Примероците од растенија се користени за да се докаже дека примероците од Месечината не се штетни за животот на Земјата.

- Растенијата помогнаа да се утврди дека примероците од почва вратени од Месечината не содржат патогени или други непознати компоненти кои би му наштетиле на копнениот живот, туку тие растенија биле само попрашени со лунарниот реголит и никогаш всушност не биле одгледувани во него - рече коавторот на студијата, Ана-Лиза Пол, истражувачки професор по хортикултурни науки на Институтот за храна и земјоделски науки на Универзитетот во Флорида.

Таа и коавторот на студијата Роб Ферл, угледен професор по хортикултурни науки на Институтот за храна и земјоделски науки, сакаа да одат чекор понатаму и да видат дали семето ќе расте во лунарната почва.

- За идни, подолги мисии во вселената можеби ќе ја искористиме Месечината како центар. Што ќе се случи ако одгледувате растенија на лунарна почва, нешто што е целосно надвор од еволуциското искуство на растението? Што би правеле растенијата во лунарна стаклена градина? Дали можеме да имаме лунарни фармери?

Станува збор за експеримент кој се подготвува долго време - поминаа 15 години откако истражувачите го дадоа својот прв предлог и барање за примероци од Месечината. Барањето беше одобрено пред 18 месеци.

Истражувачкиот тим побарал од НАСА 4 грама лунарен материјал собран за време на мисијата „Аполо 17“. Рајан Цајглер им испратил вкупно 12 грама (2,7 лажички) од лунарните примероци собрани од мисиите Аполо 11, 12 и 17.

- Тоа направи голема разлика и ни овозможи да погледнеме подлабоко во науката и ефектите на лунарниот реголит врз растенијата отколку што инаку би можеле да направиме - рече Пол.

Истражувачите користеле саксии со големина на напрсток. Секоја саксија ја наполниле со грам лунарна почва, додале хранливи материи и вода и ставиле семки од Arabidopsis thaliana, мало цветно растение кое потекнува од Евроазија и Африка.

rastenija
Фото: UF/IFAS photo by Tyler Jones

Ова растение е атрактивен растителен примерок за истражувачите бидејќи е добро проучен и неговиот генски код е мапиран, а тоа им овозможило на истражувачите да проучат како вонземната почва влијаела врз генската експресија на растението. И растението веќе било на вселенскиот шатл и вселенската станица, обезбедувајќи му на тимот вселенски податоци за споредба.

На изненадување на истражувачите, речиси сите засадени семиња во темната лунарна почва никнале и почнале да растат.

- Не го предвидовме тоа. Нивниот раст ни покажа дека лунарните почви не ги прекинуваат хормоните и сигналите вклучени во 'ртење на растенијата - вели Пол.

Сепак, никулците на растението покажале знаци на борба додека се приспособувале на лунарната почва. Садниците биле помали, растеле побавно и се разликувале по големина во споредба со растенијата одгледувани на Земјината почва. Корените биле закржлавени. Некои од растенијата покажале црвеникаво-црни пигменти во лисјата, знак на стрес.

Истражувачите сакаат да спроведат дополнителни истражувања за да разберат како растенијата во лунарната средина би можеле да ја променат почвата на Месечината. Исто така, понатамошните истражувања би можеле да им помогнат на истражувачите да го одредат најефикасниот начин за одгледување растенија во лунарната почва и да им помогнат да ги избегнат стресните фактори идентификувани за време на студијата.

Извор: CNN
Фото: Facebook/UF/IFAS photo by Tyler Jones
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука