X
 14.07.2020 Живот

Искуство на жена што работи само 4 дена во неделата речиси 20 години

Постои генерален став дека сите мора да работат околу 40 часа неделно. Сепак, во минатото на некои места било нормално да се работи и 12 часа дневно, шест дена во неделата. Работата и животот многу се сменија. Премиерката на Нов Зеланд, Џакинда Ардерн, неодамна предложи да се воведе четиридневна работна недела.

Вивиен Пирсон е авторка која работи четири дена неделно речиси две децении. Таа со години работела како здравствен работник и администратор и успевала да заработи просечна плата работејќи 30 часа неделно наместо 38. Вивиен за „Гардијан“ го сподели своето искуство, пишувајќи за поволностите од пократката работна недела.


Фото: Pixabay

Таа работела четири дена во неделата и продолжила така и откако станала родител. Во меѓувреме сменила три работни места и четири работни позиции. Според нејзиното искуство, пократката работна недела доведува до поголема продуктивност.

- Да се има слободен работен ден значи дека никогаш не мора да правам приватни повици или да закажувам преглед на стоматолог во текот на работното време. Не мора да ги продолжам паузите за ручек за да одам на фризер или на пазарење. Бев мотивирана да не го трошам времето на долги разговори покрај апаратот за вода - пишува Вивиен.

Пред да стане родител, овој дополнителен слободен ден ѝ овозможувал на Вивиен да пазари локално, да ги посетува постарите роднини и да има хоби, како и да се релаксира, социјализира и да ги завршува домашните обврски. Откако станала родител, нејзиниот сопруг се обидел да работи само четири дена неделно, но бил обвинуван дека не е сериозен за работата и дека чувањето на детето не треба да биде негов приоритет. Ова е ставот што треба да се смени, додава Вивиен.

Доколку на татковците им се додели слободен ден за поминување со своето дете, можеби ќе се смени и родовата нееднаквост во одгледувањето на децата и домашните обврски. Благодарение на технологијата, работата веќе станува пофлексибилна од порано, а пандемијата ни покажа дека многу работи без кои не сме можеле да живееме се непотребни.

Вивиен признава дека има и недостатоци во четиридневната работна недела, но не се доволни за да се отфрли идејата. На општествено ниво, наметнатата четиридневна недела може да влијае врз оние што се минимално платени.


Фото: Pixabay

Нејзината одлука да не работи дополнителни часови била од психолошка природа, како и од економска. Повремено таа морала да биде флексибилна и да оди на состанок во „слободниот ден“, а имало периоди и кога морала да заврши работа за цело работно време во четири дена. Но, според неа, ова не било полошо од притисоците што ги чувствуваат оние што работат со полно работно време. Освен тоа, таа имала повеќе време за одмор.

Кога станува збор за денот од неделата кој го одбира за одмор, Вивиен најчесто одбира да не работи во понеделник. Повеќето веднаш би се одлучиле за петок, но искуството на Вивиен покажува дека тоа можеби не е најдобар избор. Според неа, кога не работела во петок, на тој начин секогаш се обидувала петокот да го направи како мини-викенд, а потоа била уморна во сабота.

Од друга страна, кога таа не работи во понеделник, чувствува како да добива бонус ден секој викенд. Сепак, смета дека е најдобро доколку работникот може сам да го одбере денот кога сака да биде слободен.

Сега Вивиен работи само хонорарно и може да работи кога сака. Но според нејзиното поранешно искуство, четиридневната работна недела е идеална.

Автор: Вивиен Пирсон
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот