X
 14.09.2023 Живот

Интервју со Игор Трајановски, Факултет за информатички студии, Ново Место, Словенија: „Студиите во Словенија ми отворија нови животни перспективи“

Запишавте докторски студии на Факултетот за општествени применети науки во Нова Горица, Словенија. Но, студиите Ви отворија нова врата во академската кариера, така што сега сте вработени на Факултетот за информатички студии во Ново Место. Како дојде до оваа можност?

Да, докторските студии ги запишав на Факултетот за општествени применети науки и може слободно да кажам дека тоа е една од моите најдобри одлуки. Најнапред поради квалитетното образование што го нуди факултетот, но и поради извонредната средина со која се сретнав таму. Верувајте дека односот на кој наидов од сите вработени на факултетот во голема мера ги олеснува студиите. Професорите што ме водеа низ процесот на студии се исклучително квалитетни и докажани во својата област. Бидејќи се работи за професори кои се дополнително ангажирани и на други факултети, од нив разбрав дека Факултетот за информатички студии од Ново Место има потреба од асистент-истражувач од областа на политичките науки. Така се случи да се пријавам на конкурсот и на крајот на процесот да бидам избран во ова звање од страна на Сенатот на Факултетот.



Во која насока ќе ја развивате Вашата академска кариера? Што се следните чекори?


Можностите што ги нуди мојата нова работна средина целосно ми одговараат. Освен со истражувачка работа, паралелно се работи на повеќе проекти. Проектите се, би рекол, секојдневие, исто како и истражувањата. За некои се аплицира, некои се во тек, а некои на самиот крај. Тоа е процес кој се одвива непрекинато и тоа е голема предност за сите образовни институции, доколку го практикуваат ваквиот начин на работа. Истражувањата на одредени теми се обврска која со задоволство ја извршувам. Подоцна следува процес на нивно публикување и, се разбира, реакции.

Што конкретно Ви овозможи Вашиот факултет во академската кариера, иако сѐ уште студирате?

Се надевам дека нема да звучи премногу вообичаено, но навистина ми отвори нови перспективи. Пред сѐ, професорите и колегите ми пренесоа едно поинакво искуство во однос на образовниот процес, но и достапноста на потребната литература. Размената на идеи и помошта која е потребна на секој студент, може да ја добиете во секое време. Честа, би рекол, да се биде дел од академската заедница во Словенија, за мене има огромно значење. Дополнително, соработката која Факултетот за информатички студии од Ново Место и Факултетот за применети општествени студии од Нова Горица ја имаат со многу реномирани факултети во светот е огромна можност за развој во академската средина.



Во Словенија студираат многу наши млади луѓе, кои продолжуваат да ја градат кариерата во оваа или во друга европска држава. Какво е Вашето искуство – им помагате ли на овие студенти?


Забележувам дека секоја година се зголемува интересот за студирање во странство кај младите луѓе од Македонија. Секако и во Словенија или поточно кажано, особено за студии во Словенија. Од оваа перспектива, сосема разбирливо и оправдано. Изборот на области кои можат да се изучуваат во Словенија е навистина голем. Покрај тоа, студентите уживаат големи привилегии тука, а основните животни потреби се субвенционираат од државата. Сето ова се однесува и за студентите што доаѓаат од Македонија. Имав можност да се сретнам со голем број студенти и ве уверувам дека без исклучок, тие се задоволни од можностите што им се нудат. Се разбира дека на стартот постои одредена бариера околу познавањето на словенечкиот јазик, но со помош на бесплатните курсеви, лесно се надминува. Секако дека во рамките на моите можности им помагам доколку имаат таква потреба. Најчесто тоа се совети или препораки кои се особено значајни на почетокот на студентскиот живот во Словенија. Повеќето бараат мислење за одредени факултети, начинот на упис, насоки за сместување итн. Со огромно задоволство може да кажам дека студентите од Македонија се повеќе од добредојдени во Словенија, а тие сами го чувствуваат тоа. Особено се ценети поради нивните резултати и постигнувања, а тоа го потврдуваат и официјални лица со кои имав можност да разговарам, како и професори од повеќе факултети. Во неколку пригоди беше побарано да препорачам студенти кои би можеле да ја продолжат нивната кариера како млади истражувачи и асистенти. Огромно е задоволството, но и одговорноста да се влијае на таков начин во животот на млад човек.



Како Македонија се грижи за нашата академска дијаспора во Словенија. Имате ли некакви средби, соработка, комуникација? Што треба да стори државата за овие академски потенцијали, по завршување на студиите, да се вратат во Македонија?


Сите сме свесни дека во Словенија живеат и работат многу луѓе кои доаѓаат од Македонија, не верувам дека некој со сигурност може да ја каже точната бројка. Не се само членови на академската заедница, се работи за успешни луѓе во различни области. Мое мислење е дека грижата од страна на државата е, најблаго кажано, недоволна. Сигурен сум дека може и треба многу повеќе. Во однос на прашањето што треба да стори државата за тие да се вратат во Македонија, може многу да се пишува, но ќе се обидам накратко да одговорам.

Не сум сигурен дека некој од одговорните луѓе во Македонија сериозно се занимава со ова прашање, иако ситуацијата одамна е многу повеќе од алармантна. Според Шангајската листа, високото образование секоја година е сѐ подолу на рангирањето. Последица на тоа е голем одлив на студенти од Македонија, сосема очекувано и оправдано ако се ставиме во нивна позиција. Дополнително, барем минатата година беше така, не се дозволуваа нови вработувања на одредени факултети и постоеше опасност од укинување на одредени студиски програми! По завршување на студиите, наместо стекнатата диплома, најважен критериум за (не)вработување е партиската или роднинската припадност. Најсвежи примери се во областа на судството, а секако има и многу други во различни области. Напредокот во професионалната кариера не се темели на постигнатите резултати и покажаното знаење, туку повторно е во тесна врска со некоја партија или функционер, апсолутно небитна за професионалниот напредок! (не би требало да биде). Во оваа пригода не би се осврнувал дополнително на останатите образовни институции од другите степени на образование, на (не)навремена здравствена услуга, социјалната политика, спортот, културата итн.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот